Економија
„Боинг“ има нов план: понуди зголемување на платите за 35 проценти за да го запре штрајкот

Синдикатот што ги претставува машинистите на Боинг преговараше за нов предлог договор со кој ќе се обезбедат бонуси и зголемување на платите од 35 отсто во текот на четири години, во обид да се стави крај на скапиот прекин на работата и прекинот на производството на авиони што трае повеќе од еден месец.
Меѓународната асоцијација на механички и воздухопловни работници денеска изјави дека планира да одржи гласање за ратификација во среда , како што пренесува АП.
Последната понуда вклучува бонус од 7.000 долари, враќање на стимулации и подарежливи придонеси за 401.000 идни пензионери, вклучително и еднократен придонес од 5.000 долари плус до 12 отсто придонес од работодавачот.
Вршителот на должноста министер за труд на САД, Џули Сју, исто така одигра клучна улога во постигнувањето на договорот, бидејќи се состана со претставници на компанијата и синдикатот, покажувајќи ја загриженоста на администрацијата на Џо Бајден за економското влијание на штрајкот.
Околу 33.000 работници на синдикатот на Боинг на американскиот западен брег, повеќето од нив во државата Вашингтон, штрајкуваат од 13 септември . Прекинот на работата доведе до прекин на производството на најпродаваниот авион „737 MAX“ и неговите варијанти „767“ и „777“.
Синдикатот наводно побарал зголемување на платите за 40 отсто и враќање на дефинираните бенефиции за идните пензионери.
„Боинг“ соопшти дека просечната годишна плата за машинерите моментално е 75.608 долари.
Штрајкот го поттикна новиот извршен директор на Боинг, Кели Ортберг, да објави околу 17.000 отпуштања и да преземе рани чекори за да собере до 25 милијарди долари нови акции или долг за да ги зајакне финансиите на компанијата.
Американската авиокомпанија оваа година оди од криза во криза, почнувајќи од 5 јануари, кога за време на летот експлодирал приклучокот на вратата од авионот „737 Max“ во сопственост на Алјаска ерлајнс.
Главниот извршен директор на компанијата оттогаш си замина, производството е забавено додека регулаторите ја испитуваат безбедносната култура на компанијата, а во септември 33.000 синдикални работници стапија во штрајк.
Штрајкот чини околу 1 милијарда долари месечно, според еден аналитичар, а за да ги намали трошоците, производителот на авиони исто така најави дека ќе укине 17.000 работни места.
(Танјуг)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.
Економија
Славески на средба со извршниот директор на АФИ: Поттикнување на финансиската вклученост како предуслов за економскиот развој

За време на Глобалниот форум на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), кој се одржува во Намибија, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг. На средбата се разговараше за напорите на Народната банка за подобрување на пристапот до финансиски услуги, зголемување на финансиската писменост и промовирање на дигиталните финансиски канали.
„Финансиската вклученост е клучен предуслов за повисока економска активност и доход. Народната банка континуирано работи на олеснување на пристапот до финансии, заштитата на потрошувачите и промовирaњето на дигиталните и зелените финансии,“ истакна гувернерот Славески.
Според последните податоци од Светската банка, 84% од населението над 15 години во земјава поседува сметка, што претставува највисоко ниво во регионот на Западен Балкан. Користењето дебитни и кредитни картички расте, при што 76% од граѓаните ги користат за плаќања, а 62% од сопствениците на сметка вршат онлајн плаќања.
На средбата беше истакнато дека натамошното унапредување на финансиската вклученост, особено кај младите, жените и ранливите групи, е од стратегиско значење за економскиот развој и стабилноста на земјата.
Гувернерот Славески и извршниот директор на АФИ, Ханиг се согласија дека размената на искуствата и соработката меѓу централните банки и меѓународните институции ќе придонесе за натамошно зајакнување на финансиската вклученост и зголемување на довербата на населението во финансискиот систем.
АФИ е глобална мрежа за финансиска вклученост, која опфаќа централни банки и финансиски регулатори од 84 земји во светот, овозможувајќи размена на знаење и искуства, како и развој на ефективни политики за финансиска вклученост.