Економија
Брегзитот ќе донесе во Франкфурт 30 банки и 3.500 работни места

Банкарскиот ситем во Франкфурт ќе излезе како победник од излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, покажа истражувањето на банката Landesbank Hessen-Thüringen.
Аналитичарката Улрике Бискоф изјавила за „Ројтерс“ дека повеќе од 30 странски банки донеле одлука да отворат канцеларии во Франкфурт.
„Финансиските компании кои претходно работеа во Лондон мора да се преместат во континентална Европа поради брегзит за да можат и понатаму да ги нудат своите услуги“, рекла таа.
Поради брегзит, до крајот на 2021 година во Франфурт ќе бидат отворени околу 3.500 работни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Халкбанк предупредува на зголемена активност на измамнички пораки и апелира за внимателност

Халкбанк АД Скопје информира дека во изминатиот период сѐ почести се обидите за неовластено прибирање лични и финансиски податоци на граѓаните.
Се испраќаат лажни СМС или електронски пораки до поширок круг граѓани од земјата, во кои се злоупотребува името на банката. Истите содржат линк до измамничка веб-страница или прикачен документ со намера за измама. Целта на овие пораки е да се прибираат податоци за платежните картички, со цел истите да бидат злоупотребени.
Банката апелира до јавноста да не се отвораат линкови добиени преку вакви пораки, да не се внесуваат лични или финансиски податоци на линкуваните веб-страници и граѓаните да бидат особено внимателни. Постои можност измамничката веб-адреса да се промени во иднина, па затоа е потребна зголемена претпазливост.
Халкбанк АД Скопје никогаш нема да побара од своите клиенти лични податоци или информации за платежните картички преку ваков тип пораки. Целосната комуникација од страна на банката се одвива исклучиво преку официјални и безбедни канали.
Банката посочува и на тоа дека пораките се упатени до широка база на контакти меѓу кои може случајно да има и клиенти на банката и затоа, доколку некој од нив има внесено податоци на измамничката веб страница, неопходно е веднаш да го контактира контакт центарот на Халкбанк АД Скопје за преземање понатамошни активности за спречување на измамите.
Телефонскиот број на контакт центарот е +389 2 3296 330 и истиот е на располагање 24 часа во денот.
Економија
ММФ оценува дека Народната банка успешно се справила со кризата

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во завршниот исказ на редовната мисија според член IV од договорот за членство, искажува поддршка за успешната политика на Народната банка во изминатиот период и справувањето со предизвиците во економското окружување. Во најновата процена, ММФ ја нагласува важноста на оперативната и функционалната самостојност на Народната банка, истакнувајќи дека нејзината независност и кредибилитет се од особена важност за одржувањето на ценовната стабилност и стабилноста на денарот. Фондот заклучува дека солидниот раст на девизните резерви во 2024 година ја зајакна стабилноста на девизниот пазар, додека макро и микропрудентните мерки преземени од Народната банка придонесоа за натамошно јакнење на отпорноста на финансискиот систем.
Во актуелниот економски контекст, ММФ нагласува дека е важно Народната банка, како и досега, да продолжи со внимателното следење на движењата на инфлацијата и финансиските текови и да ги формулира политиките соодветно на тоа, заради одржување на макроекономската стабилност. ММФ потенцира на внимателност во однос на инфлациските ризици и нивното евентуално остварување, вклучително и на оние што произлегуваат од домашните фактори коишто влијаат на побарувачката, што може да наметне потреба од натамошни мерки.
ММФ заклучува дека финансискиот систем и натаму е стабилен и отпорен, при што банкарскиот сектор е добро капитализиран, ликвиден и профитабилен. Народната банка ќе продолжи со примената на макропрудентните мерки, заради одржување на стабилноста на финансискиот систем и заштита од потенцијалните ризици. ММФ ја поддржува оваа стратегија и ја нагласува нејзината важност во обезбедувањето долгорочна финансиска сигурност.
Економија
(Видео) Филипче: Буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари

Македонската економија се движи во погрешна насока, наместо напредок, сведоци сме на продлабочување на кризата, неконтролирано трошење, пад на инвестициите и намалување на животниот стандард, посочи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Во однос на економските параметри, Филипче потенцираше дека бројките покажуваат негативни резултати што е последица на погрешните владини економски политики. Намалување е регистрирано кај капиталните инвестиции и индустриското производство, кои треба да бидат двигатели на економскиот раст.
„Во првите два месеци од 2025 година, реализацијата на капиталните инвестиции е само 2,43%. За споредба, во истиот период минатата година биле реализирани 12,1%, Сега, инвестициите во инфраструктура и економски развој се целосно запрени. Без капитални инвестиции, нема економски раст. Владата очигледно нема капацитет да исполни ниту едно ветување за модернизација и развој, иако ова им беше една од главните пораки. Индустриското производство опаѓа веќе четири месеци јасен индикатор дека стопанството слабее. Во декември 2024 година падот изнесувал 1,4%, во ноември 3,5%, во октомври 1,1%, а во септември цели 7,9%. Без силна индустрија, нема економски раст и развој“, рече Филипче.
Наспроти падот на капиталните инвестиции и индустриското производство, се продлабочува буџетскиот дефицит, што ќе придонесе за раст на ионака зголемениот јавен долг.
„Во првите два месеци од 2025 година, буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари. Државата троши многу повеќе отколку што прибира. Владата создава опасен јаз помеѓу приходите и расходите, кој ќе мора да се покрива со нови долгови. Ова е рецепт за финансиски колапс. Во тој контекст логично е што расте и јавниот долг и сега е над 70% од БДП. Владата избегнува да ги објави точните бројки. Државниот бројчаник не работи, а Министерството за финансии молчи. Граѓаните имаат право да знаат колку навистина должиме а и кои се плановите за враќање на тие долгови“, рече Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека додека економијата се движи во погрешна насока, македонските компании се уште ја чекаат поддршката од унгарскиот кредит од 250 милиони евра. Останува непознато како што кажа Филипче дали овие средства ќе стигнат до економијата или ќе завршат во нетранспарентни зделки, а недостигот на информации создава сериозен сомнеж за начините на трошење на јавните средства.