Економија
Брза инвестиција во батерии може да го спаси ова лето
Батериските системи ќе направат заштеди и профити кај сопствениците на фотонапонски електрани, кои сега се соочуваат со загуби поради преголемото производство на електрична енергија во исто време
Летото е на прагот, производството на електрична енергија од сонце веќе се засилува, а цените преку ден паѓаат.
Разговараме со Тодор Анѓушев, управител на компанијата ЕМС, во рамките на ФЕРОИНВЕСТ. Според Анѓушев, сега веќе никој нема дилема дека системите за складирање на електрична енергија се неизбежен следен чекор во енергетската транзиција. ,,Имаме клиенти кои бараат батерии и за електрани на фабрички кровови, и за електрани на земја, а батерии ставаат дури и големи станбени објекти”-вели Тодор Анѓушев.
Г-не Анѓушев, како семејна компанија ФЕРОИНВЕСТ 20 години работи на полето на обновливи извори на енергија и цениме дека сте компетентни да дадете Ваше мислење за состојбата која во моментов се случува во Македонија.
Се изградија многу фотоволтаични електрани во последните некоку години, а сега се испоставува дека се и премногу, и дека системот не може да ја прими таа енергија. Претпоставувам дека ако досега имавте клиенти кои бараа да им изградите електрана, сега главно доаѓаат клиенти кои всушност бараат батерии за нивните електрани?
Благодарам за можноста и ценам дека секоја јавна дискусија за оваа тема која е нова за нас како општество ќе биде корисна и за инвеститорите и за сите чинители во енергетскиот сектор. Да, неколку години главните инвестиции беа во фотоволтаични централи, а сега веќе расте потребата и интересот за батерии, односно како на тие централи да се надоградат батерии, или ако се гради нова електрана тогаш да се гради заедно со батерија.
И оваа пролет се случува истото како лани, дури и поизразено. Уште во мај берзата покажуваше минусни цени, односно призводителите или треба да ја исклучат електраната или треба да платат за некој да им ја откупи електричната енергија. Вишокот електрична енергија од обновливи извори прави проблеми и дебаланс во мрежата и јасно е дека складирањето станува неопходност и е неизоставен чекор од енергетската транзиција.
Дали не е веќе доцна за ова лето?
Не е доцна. Ако се почне веднаш, ќе се фати пикот на летните месеци кога производството на електрична енергија е најголемо, а цените најниски. Но, ако се чека повеќе, тој период ќе помине и инвеститорите оваа година ќе имаат загуби.
Ние како ФЕРОИНВЕСТ можеме веднаш да поставиме батерија за клиентот, во најкус рок. Ние можеме да дадеме најдобар сервис и услови за нашите клиенти, и тоа од две причини. Првата е што имаме батериски системи на залиха, така што клиентите за кои ќе изведуваме нема да чекаат. Батериските системи кои ФЕРОИНВЕСТ ги нарача се од нашите партнери кои се реномирани производители на батериски системи и кои имаат инсталирано големи количини во Европа. Втората причина е нашето досегашно долгогодишно искуство во енергетиката и големиот број на технички персонал.
Како што кажав, во Македонија веќе се вградуваат батерии, пред се на фотоволтаици на домаќинства, односно куќи, потоа на фабриките кои ги поставиле фотоволтаиците на своите кровови за да произведуваат своја електрична енергија што си ја користат при нивната работа во погоните, но големи батериски системи се решение и за големи фотонапонски електрани на земја, кои се изградени за комерцијално производство на електрична енергија.
Пред извесно време се донесоа измените на Законот за градење, потоа и на Законот за енергетика, кои го регулираа и делот со батериите, тука се и Мрежните правила од Регулаторната комисија, се очекува и Закон за обновливи извори, така што од страна на регулатива би требало се’ да биде јасно и инвеститорите да можат да вложуваат врз основа на јасни правила.

Интересот е голем, но колкава е реализацијата на батериите во моментов? Дали веќе има инвеститори што ставија батериски системи и кои ова лето максимално ќе ја искористат електричната енергија од сонце?
Видете, ние како компанија која проектира и гради електрани на обновливи извори, уште од минатата година ги советувавме сите кои имаат фотоволтаични електрани да инвестираат во батерии, но знаете како е: секој финансиски се пресметува, можеби и чека дали проблемот некако ќе биде надминат за сите, без дополнителен трошок, но тоа не може да се случи. Едноставно, има многу електричана енергија од фотоволтаични централи и тоа е така во целиот регион. Не можете да ја продавате кога премногу ја има, бидејќи во тој момент сите имаат премногу. Единствено решение е да ја складирате во батерии, па да ја користите или продавате подоцна, кога заштедата и приходите би биле поголеми.
Според наши сознанија, има одреден број на веќе поставени батерии, и многу голем број проекти на заинтересирани инвеститори кои допрва треба да се почнат.
Како компанија организиравте презентација во Стопанската Комора, токму за поблиску да им објасните на заинтересираните околу поставувањето батерии. Имаше 60-тина присутни претставници на компании кои сакаат да постават батерии, а ги презентиравте батериските системи за скадирање на глобалниот бренд ВЕИХЕНГ, со кој имате договор за Македонија. За какви системи станува збор?
ВЕИХЕНГ (WHES) имаат кабинетски батериски системи со инсталиран капацитет на енергија/моќност од 233kWh/100kW. Тие се составени од повеќе одвоени модули, и лесно се надградуваат, поради што ги препорачуваме како оптимално решение за фотоволтаични електрани под 2MW. Батерии на ВЕИХЕНГ (WHES) се навистина извонредни, целосно се заштитени од надворешни влијанија и останати непосакувани појави, што е особено важно за држави како нашата во која знаат да се појават екстремно ниски и високи температури. Освен овие кабинетски батерии системи, нашата компанија нуди и контејнерски решенија од 2, 3, 4 и 5MWh, кои исто така може да скалираат и се одлични за примена во поголеми фотоволтаични електрани.
Која е разликата помеѓу фотоволтаиците и батериите, во контекст на техничкиот дел од инвестицијата? Што откако ќе се инсталира батеријата, како ќе се врши управувањето?
Откако ќе се пушти во работа една фотоволтаична електрана, сопственикот ја остава да работи и нема некои особени дополнителни секојдневни обврски од аспект на нејзиното функционирање.
Но, кај батериите ова не е случај. ФЕРОИНВЕСТ почна да работи на решенија за батерии уште пред 3 години, кога оваа тема не се ни споменуваше и кога сите размислуваа само за фотоволтаици. Батериите се далеку посложен енергетски објект кој бара секојдневно програмирање, мониторинг и одржување. Има многу скриени технички карактеристики, како на пример инсталиран наспроти употреблив капацитет на складирање, или пак софтверски стратегии за контрола на батеријата кои не се компатибилни со пазарните прилики во Македонија.
За правилно и долгогодишно функционирање на батеријата потребно е најпрвин да се избере квалитетен и докажан бренд. Понатаму, потребно е батеријата да биде инсталирана и пуштена во употреба од технички обучен и сертифициран кадар, како што е случајот со инженерите во нашата компанија.
Откако батеријата ќе се пушти во работа, енергијата која батеријата ќе ја влече, складира и празни во мрежа ќе мора да биде во договор со некој снабдувач. Во батеријата има скриени карактеристики, и ако корисникот не е упатен и стручен, тој нема да може да го искористи вистинскиот капацитет на батеријата, бидејќи таа има инсталиран и употреблив капацитет, со различни параметри и вредности. Ние во пакет нудиме и откуп и управување на батеријата, преку фирмата за снабдување со електрична енергија РЕС.

Батериите се значајна инвестиција од финансиски аспект и инвеститорите сигурно се прашуваат за исплатливоста и за повратот на вложените средства.
Цените на батериските системи се намалија за значителен процент во изминатиот период и сега е правиот момент да се инвестира во нив. Па затоа се подобри и периодот за поврат на инвестицијата во батериски систем. Според најновите физбилити студии поврат на ваков тип на инвестиција се движи во рамките од 2 до 3 години, каде што во предвид се земени сите параметри на загуби и деградација.
Но како еден од најбитните фактори кога се влегува во ваков тип на инвестиција е да се одбере реномиран производител на опремата. Нашиот продукт кој што го нудиме е од производител со признание AAA – Tier 1 од Блумберг и со сите потребни сертификати за овој регион. Исто така би додал дека е битно батерискиот систем да е веќе тестиран и пуштен во работа во Европа со докажан квалитет. Нашиот продукт е инсталиран и пуштен во употреба во Холандија, Белгија, Германија, Полска, Данска, Норвешка, Финска, Англија, Естонија итн. Иако одбравме светски реномиран продукт со првокласен квалитет, ФЕРОИНВЕСТ може да понуди и најдобра цена на односот квалитет – перформанс.
Кои се опциите за финансирање на проектите за системи за складирање?
Кога станува збор за начин на финансирање на батериски систем во нашата држава би ги посочил банките. Поради ниските цени на електрична енергија во периодот кога произведуваат фотоволтаиците, банките сами ќе дојдат до сознание за проектите со фотоволтаични електрани да бидат одрживи (sustainable) на долг рок потребно ќе биде да се инсталира додатна опрема – батериски систем, кој ќе овозможи складирање на електричната енергија и продажба во часовите со висока цена. Па затоа и тие самите ќе почнат да ги поддржуваат инвестициите во батериите.
Првично, за да ја започнете фазата на финансирање на ваков проект потребно е во банката да доставите физибилити студија – бизнис план во кој што е технички опишан проектот и содржи финансиски модел за создавање на приход и поврат на инвестицијата. Ние за сите наши клиенти подготвуваме соодветен бизнис план конкретно за нивниот проект и им овозможуваме да ја започнат постапката за финансирање. Со ова сакаме да потенцираме дека сме заедно со нашиот клиент од самиот почеток и нудиме буквално целосна услуга за реализирање и менаџирање на батерискиот систем.
Вашата компанија поседува мали хидроецентрали, фотоволтаични централи и биогасна централа. Но, на ниво на држава, нема таква разноликост.
Што значи тоа за енергетскиот систем?
На ниво на држава значајно предничат фотоволтаичните централи и тој бум се случи во последните неколку години. Ние како компанија уште од почетокот апелиравме во фотоволтаиците да се инвестира внимателно, а не стихијно. Електрани на обновливи извори чие производство не може да се контролира (а такви се сите, освен биогасните електрани) се голем предизвик и потенцијален проблем за електро-енергетскиот систем. Видовме што се случи кога падна целиот систем во Шпанија, пред кратко време и половина Македонија остана без електрично напојување, има и други примери, а проблемот ќе се појавува секаде. Едноставно системот е врзан и преголемото градење електрани на обновливи извори низ цела Европа практично го оптоварува системот на целиот континент.
Мора да се инвестира и во производство на базна енергија, секако што почиста, мора да се инсталираат батерии, бидејќи мора да има балансирање, и секако треба да се инвестира во зајакнување и модернизирање на преносната и дистрибутивната инфраструктура. Тоа е начинот за да се спроведува енергетска транзиција и системот да се држи стабилен.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
Директорката на УЈП не призна грешка во испратените решенија за данок од работа во странство, но повика секој што има доказ дека е платен, да го достави
Решенија за оданочување на доход од странство за 2020 година Управата за јавни приходи (УЈП) законски морала да ги испрати заклучно со 31 декември, е објаснувањето на директорката Елена Петрова за пристигнатите решенија кај граѓаните на само неколку дена пред Нова година во кои им бараат да си платат данок за доходот од странство иако многумина кажуваат дека данокот е платен во странската земја со која имаме меѓународен договор за избегнување на двојно оданочување. Директорката Петрова денес долго објаснуваше за решенијата за данок на доход од странство, но во ниту еден момент не кажа дека има решенија кои се испратени по грешка оти данокот бил платен во странската земја. Таа објаснуваше дека целата активност е обемна, вклучува вкрстување неколку бази и податоци, дека работеле по доставени известувања од банките и за секој поединечно проверувале дали доходот подлежи или не подлежи на оданочување кај нас.
Оние кои пред Нова година постапиле по решението и вторпат уплатиле данок оти такви насоки добиле и од вработените во УЈП кога се пожалиле, директорката Петрова рече дека ќе ги добијат средствата назад или пак ќе им бидат пресметани за некоја од следните години. И нив и оние кои се уште не постапиле по решенијата ги повика да достават докази во канцелариите на УЈП доколку данокот е платен во странската земја.
„Секако дека ќе бидат земени предвид сите докази. Ќе се утврди, зависно од меѓународниот договор доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде треба да се изврши поврат или доколку е возможно платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит па на уплатата што е извршена овде може да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, реле директорката Петрова и објасни дека секој случај ќе се разгледува поединечно и даночниот обврзник ќе биде дополнително известен дали доставениот доказ се прифаќа или не.
Директорката Петрова не кажа конкретно колкав период имаат граѓаните за да достават докази за платен данок на доход од странство но јавно ги повика да го сторат тоа.
„Имајќи предвид дека граѓаните мора да се вратат и да обезбедат докази за пет години наназад, за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји ние ќе им овозможиме на граѓаните и дополнително да достават докази, еве во овој период повикани се граѓаните, јавно ги повикувам и сега сите што имаат и што може да обезбедат докази да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП. Ние ќе ги разгледаме тие докази и што може, ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат донесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и после врз основа на тие решенија и врз основа на, се разбира дополнително доставените докази, ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година, односно на конечниот данок за 2020 година. После тоа ќе следат оние постапки за наплата, значи се уште имаме период во кој граѓаните доколку имаат докази можат да ги достават“, објасни директорката Петрова.
За данокот на доход остварен во странство, директорката Петрова кажа дека УЈП испратило над 11.000 персонализирани известувања со секој граѓанин што се појавил во податоците. Утврдиле дека 6.600 граѓани од нив подлежат на оданочување. 2.200 граѓани сами поднеле пресметка за оданочување, а за 4.400 Управата донела решенија по службена должност.
Вкупно утврдениот данок изнесува 186 милиони денари или три милиони евра за 2020 година.
Директорката Петрова нагласи дека главна цел не е само да се соберат пари туку да се создаде даночна дисциплина.
„Јас апелирам граѓаните да си ги обезбедат во овој период што им е даден и доказите за другите години бидејќи ние ќе го утврдуваме данокот и за следните периоди од 2021 до 2025 година и редовно да си ги пријавуваат отсега натаму доходите остварени во странство. Нашата цел не е само тој данок да се утврди и плати туку и отсега понатаму да се воспостави ред и функционирање на системот“, рече директорката Петрова.
Доходот се пријавува по истекот на месецот до 10. во следниот месец освен доходите од плата и пензија кои што се пријавуваат до 31 март по истекот на годината
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,94% во однос на одлуката од 29.12.2025 година.
Од 06.01.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,801 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит,.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,848 ден/кг и сега ќе изнесува 32,801 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,200% кај дизелот за 1,395%, кај екстра лесното масло за 0,463% и кај мазутот намалувањето е за 3,841%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е за околу 0,0031% повисок од курсот на доларот.

