Економија
ВБИФ ѝ одобри на Македонија три инвестициски проекти во износ од 24 милиони евра
Управниот комитет на инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ (Western Balkas Investment Framework – WBIF) донесе одлука на Република Македонија да ѝ одобри три апликации за инфраструктурни проекти во вкупен износ од 24 милиони евра грант (неповратни) средства за техничка помош и инвестиции.
Одобрена е апликација за изградба на Автопат А2 Гостивар – Кичево и тоа за делница Букојчани – Кичево, должина од 12.7 км, како дел од Коридор 8, при што се обезбедени над 20 милиони евра (20.348.000 евра). Вкупните средства за изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево изнесуваат околу 105 милиони евра. Останатите средства ќе се обезбедат од ЕБОР во вид на заем во износ од 79,2 милиони евра и учество на ЈПДП од сопствени средства во износ од 6 милиони евра.
Одобрена е апликација за инвестициски грант за градежни работи за рехабилитација и реконструкција на државен пат А2 делница, делница Крива Паланка – Деве Баир (Граница со Бугарија), како дел од Коридор 8, со што се обезбедени над два и пол милиони евра (2.570.000 евра за инвестиции и 50.400 евра за техничка помош). Со оваа инвестиција се планира рехабилитација и проширување на патната делница во вкупна должина од 13 километри, која е дел од источниот Пан-европски патен коридор 8, па со тоа придобивките од реализацијата на проектот би биле не само од национален, туку и од регионален интерес. Имено, за реализација на овој проект на 20.09.2018 година склучени се договорот за заем и договорот за гаранција, со што од Европската банка за обнова и развој обезбеден е заем во износ од 10 милиони евра, а учеството на ЈПДП од сопствени средства изнесува 1,37 милиони евра.
На крајот, во рамки на 20-от ВБИФ повик одобрена е апликацијата за грант-средства за техничка помош во износ од 1 милион евра за подготовка на Физибилити студија и Студија за влијание на животната средина и социјалните аспекти на проектот ХЕ Чебрен. Со Физибилити студијата ќе се направи детална анализа на целокупната досега изработена техничка документација за објектот и ќе е дефинира оптимално техничко решение кое треба да биде финансиски и економски одржливо, а воедно ќе се разгледа и стратешката оправданост на оваа инвестиција. Паралелено со изработката на Физибилити студијата ќе се изработува и Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, која ќе биде изработена согласно со меѓународните стандарди и конвенции за објекти од ваков тип и согласно со домашната легислатива.
Инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF) официјално беше отворен во 2009 година, како заедничка иницијатива на Европската комисија, Банка за развој при Совет на Европа, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка (ЕИБ) и подоцна приклучените Светска банка и Германската развојна банка (KfW). Средствата за WBIF главно доаѓаат од следните извори: Ресурси алоцирани од Регионалниот ИПА-пакет; Грантови што ги доделуваат меѓународните финансиски институции; Грантови што ги доделуваат билатералните донатори преку Заедничкиот фонд за Западен Балкан (European Western Balkans Joint Fund – EWBJF).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

