Економија
(Видео) Трипуновски: Со СДСМ на власт извозот на лубеници е петкратно намален

СДСМ е катастрофа за земјоделието. Власта ја претвори државата од земја извозник во земја увозник на земјоделски производи. Во првите шест месеци од 2018 година државата има трговски дисбаланс во поглед на земјоделските производи. Република Македонија повеќе увезува отколку што извезува. Токму затоа и откупот е слаб, а откупните цени очајно ниски, изјави на прес-конференција Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Македонија, која во изминатиов период важеше за земја извозник на лубеница, во првите шест месеци од 2018 година има увезено двојно повеќе лубеници отколку што има извезено.
„Имено увозот изнесува 6 000 тони додека извозот е само 2500 тони на лубеници. И додека увезуваме од странство родот на нашите земјоделци скапува по нивите или се продава по цена од 2 до 3 денари за килограм. Извозот никогаш не бил послаб. Ова се должи на неспособноста на власта да обезбеди пласман и пазар за македонските лубеници. СДСМ од опозиција ветуваше сигурен пласман и сигурни откупни цени. Сега гледаме дека не само што откупот е намален, туку и цените се помали од кога било.
Извозот на лубеница откако СДСМ е на власт е паднат драстично. Од 11 000 тони на извезени лубеници во 2016 година, на овогодиншните 2 500 тони. Поради неспособноста на власта домашните земјоделци беа принудени добар дел од родот да го остават да скапе на нивите или воопшто да го даваат без пари. Наместо профит за илјадници земјоделски фамилии, политиките на СДСМ носат профит на мала група трговци“. вели тој.
Според опозицијата, оваа влада не води сметка за интересот на земјоделците, туку за интересот на неколку трговци. При тоа не му нанесоа удар само на земјоделството туку и на многу стопанските гранки кои се тесно поврзани со него, како што се трговија, транспортот, хемиска индустрија, преработувачка индустрија итн.
„Министерот Николовски да кажува розови прикаски секојдневно со некакви ЌЕ ветувања, но за негова несреќа, бројките се конкретни,а за него и за владината политика немилосрдни. Истовремено покажувајќи ја нивната неспособност и алчност за лесна заработка на поединци блиски до власта не водејќи сметка за стратешките интереси, а во конкретниов случај интересите на македонските земјоделци. Затоа ВМРО-ДПМНЕ јасно укажува на оваа состојба која ги разоткрива нивните матни шпекулантски планови за остварување профит на грбот на македонскиот земјоделец. Оваа власт мора да си замине веднаш додека не е доцна, секој ден нивно опстојување за Македонија има несогледиви последици“, додаде Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година.
Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,661 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%.
Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)
Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.