Економија
(Видео) Шкријељ: Буџетот за 2023 е развоен, 250 милиони евра за мерки и близу 800 милиони евра за капитални проекти

„Владата го усвои предлог-буџетот за 2023 година и тој наскоро ќе влезе во собраниска процедура. Буџетот за 2023 година е прв буџет кој е усогласен со новиот Закон за буџети, што го донесовме овде во Собранието и истиот е во насока на надминување на предизвиците од глобалната економска и енергетска криза. Само за оваа цел во буџетот за следната година се издвоени 250 милиони евра“, рече на денешната прес-конференција пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ.
Таа вели дека „приходната страна во предлог-буџетот за 2023 е планирана на ниво од 282 милијарди денари и истата е за 14,8% повисока во однос на 2022 година. Од друга страна, расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или за 12,6% повисоки во однос на 2022 година, со што продолжува постепената фискална консолидација со буџетски дефицит“.
„Она што е особено важно да се потенцира е зголемувањето на средствата за исплата на плати, пензии и социјални трансфери кон граѓаните. Предвидени се 75 милијарди денари за исплата на пензии или за околу 10% повеќе во однос на оваа година. Тука е земена предвид новата методологија за пресметка на пензиите, според која усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50% и пораст на просечно исплатена плата за сите вработени во висина од 50%, а со цел да се овозможи пристоен животен стандард на пензионерите“, рече Шкријељ.
Пратеничката напомена дека „расходите за плати проектирани се на 34,9 милијарди денари, согласно постојните законски решенија, односно сумата е повисока за 1,6 милијарди денари и е во насока на усогласување со минималната плата во текот на следната година, согласно новата методологија. Со воспоставениот модел за раст на минималната плата во март следната таа ќе порасне за 10 % и ќе достигне речиси 20.000 денари“.
„Во март оваа година минималната плата изнесуваше 15.200 денари, што значи дека само за една календарска година таа ќе се зголеми за над 30 отсто. Предвидени се и 12,5 милијарди денари за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории граѓани. Со буџетот за 2023 сериозен фокус се става на и на капиталните инвестиции. Капиталните расходи се на ниво од 48,9 милијарди денари или близу 800 милиони евра, наменети за капитални проекти, односно за околу 52,3% повисоки во однос на проекцијата за 2022 година“, посочи таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.