Економија
(Видео) Анѓушев: „Фени“ е првиот успешен стечај

„Фени индистри“ е првата успешно решена стечајна постапка во Република Македонија, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, по завршувањето на првиот македонско-бугарски бизнис-форум „Македонија – Бугарија 2019“.
Одговарајќи на новинарско прашање, Анѓушев подвлече дека стечајот на „Фени индистри“ завршил успешно со целосно исплатени доверители, и е пример за компанија која и во активен стечај продолжи да работи.
„Практично вчера или завчера судот ја затвори стечајната постапка и се надевам дека ‘Фени индистри’ ќе има сериозен придонес во економијата на нашата земја. Новите сопственици најавуваат и отворање на втората линија којашто би го дуплирала производството во ‘Фени индистри’, а тоа ќе значи и дуплирање на приходот на компанијата, односно на нивната економска активност, зголемување на бројот на вработени, а секако значи и значително учество во БДП на Република Македонија. Јас очекувам дека тоа ќе биде една стабилна компанија. Од тоа што јас го имам како информација, веќе од денеска просечните плати во Фени се над 500 евра, што е ветување на Владата кое практично таму почнува да функционира“, истакна Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.
Економија
Финансиска и енергетска стабилност како приоритет – средба на министерката Божиновска со гувернерот Славески

На работната средба на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, се разговараше за тековните енергетски проекти и нивните финансиски импликации врз компаниите и економијата.
Во фокусот на разговорот беа влијанијата на новите регулативи за декарбонизација и зелената енергетска транзиција на Европската Унија, кои носат значајни предизвици, но и можности за развој на обновливите извори на енергија во нашата земја, како и нивното значење за домашните компании и целокупната економија. Беше нагласено дека за компаниите е потребна поддршка во приспособувањето кон овие промени, за да се намалат финансиските оптоварувања и да се зачува конкурентноста на домашниот пазар.
Гувернерот Славески и министерката Божиновска се согласија дека финансискиот сектор е главен поддржувач на транзицијата кон поголема енергетска одржливост, соодветно соработката помеѓу Министерството за енергетика и Народната банка е значајна за креирање на мерки кои ќе ја поддржат економијата во целина, особено во услови на глобални економски предизвици.
На средбата беше истакнато дека развојот на енергетскиот и рударскиот сектор е од клучно значење за зајакнување на финансиската независност на земјата и обезбедување енергетска стабилност која ќе ги штити интересите на граѓаните и компаниите и ќе обезбеди отпорност на земјата кон надворешни економски шокови.
Во наредниот период ќе се работи на конкретни иницијативи и политики за олеснување на пристапот до финансиски средства за инвестиции во зелена енергија и технолошки модернизации, со цел да се поддржи економскиот раст и одржливоста, но за да се обезбедат ефективни решенија кои ќе ги поддржат компаниите во процесот на прилагодување, како и стабилноста на националната економија.