Економија
(Видео) Арсовски: СДСМ го задолжи секое семејство за нови 4 000 денари
Денес е денот кога СДСМ преку Министерството за финансии ги задолжува граѓаните за најверојатно нови околу 32.5 милиони евра.32.5 милиони евра изнесува денешната аукција на Министерството за финансии преку која граѓаните на Република Македонија ќе бидат задолжени за огромна сума пари. Замислете, ќе нè задолжат 32.5 милиони евра, а единствен и најголем проект им се тендерите и државните пари што ги делат на фирмите на СДСМ и на членовите на СДСМ.Само денеска СДСМ го задолжува секое просечно 4-члено семејство за нови 4 000 денари, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, граѓаните тонат во долгови, не можат да врзат крај со крај, а СДСМ Заев, Анѓушев, Филипче, Шекеринска си делат народни пари по нивни блиски и фирми блиски до СДСМ.
,,Само изминативе 3 месеци јавниот и државниот долг вртоглаво пораснаа благодарение на недомаќинското работење на СДСМ. Јавниот долг во изминативе 3 месеци СДСМ го зголеми за 54 милиони евра, додека, пак, државниот долг го зголеми за 29 милиони евра.Или малку попрецизно, секој ден изминативе 3 месеци јавниот долг се зголемува за над половина милион евра или поточно 580.645 евра дневно, додека, пак, државниот долг се зголемува секој ден за 311.827 евра. На толку задолжувања реализацијата на капиталните проекти до сега е смешна исто како што е смешен и растот на БДП.За само 1 година владеење на СДСМ, освен скандали, афери и криминали не видовме ниту една реална инвестиција за подобрување на животот на граѓаните”, изјави Арсовски.
Тој додаде дека нема нови автопатишта, нема нови училишта, нема нови градинки, нема нови студентски домови, нема нови болници, нема повисоки субвенции за земјоделците, нема повисоки пензии за пензионерите, нема повисоки плати за вработените, едноставно нема ништо од тоа што ветуваше СДСМ во предизборието.
,,ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да престане со расипничкото однесување и неразумните задолжувања. ВМРО-ДПМНЕ исто така бара СДСМ да се откаже од намерите предвидени од фискалната стратегија со којашто државниот и јавниот долг би отишле над 50% од БДП.Ова што го прави не ја води Република Македонија никаде, најмалку во Европа, освен што ја води во пропаст”, изјави тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

