Економија
(Видео) Арсовски: Утре државата ќе се задолжи со нови 41 милион евра

Додека земјата паѓа од 10. на 17. место на листата на „Дуинг бизнис“, додека 500.000 граѓани живеат на работ на сиромаштијата, Зоран Заев и Нина Ангеловска утре ќе ја задолжат Република Македонија со нови 41 милион евра, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е четврто задолжување и четврти проект воедно на Нина Ангеловска како министер за финансии откако е дојдена на функцијата. За само 3 месеци, успеа да ја задолжи Република Македонија со 200 милиони евра. Психолошката граница на задолжување одамна е помината. Затоа прашуваме, каде завршуваат овие милионски суми од задолжувањето кога гледаме дека не е реализиран ниту еден единствен проект? Сите, целата јавност, гледа дека половина од парите се украдени од актуелните владини функционери преку наместени тендери и провизии“, рече тој.
Според последните анализи, додаде Арсовски, повеќе од половина од граѓаните, да имаат можност, би ја напуштиле Република Македонија и иднината ќе си ја побараат надвор. Нема студент што својата иднина не ја гледа надвор од својата држава.
„Нивото на странски инвестиции е најниско досега, нивото на капитални инвестиции е најниско во историјата, растот на БДП е далеку од очекуваното.
Заев како премиер јавно на телевизија вели дека давањето пари во плик од страна на работодавците е законски и нормално, а Нина Ангеловска молчи и срамежливо кажува дека се бори против сивата економија со скенирање фискални. Смешно. Затоа, следува обнова на Македонија по 12 април и, конечно, ќе се стави крај на целиот овој хаос што ни се случува“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на законот за царински тарифи Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царински давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од четири проценти, забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година, поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти на 72,40 долари за барел, додека американската референтна нафта „West Texas Intermediate“ (WTI) скокна за пет проценти на 71,40 долари за барел.
Според Ројтерс, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година, кога започна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на „Брент“ ги одразува не само тековните ризици за снабдување, туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае, за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува Танјуг.
Економија
Инспекторите секојдневно се на терен, угостителите и трговците да издаваат фискални сметки

Управата за јавни приходи ги потсетува сите угостители, трговци и вршители на дејност на законската обврска да го регистрираат готовинскиот промет преку одобрен фискален систем и да издаваат фискални сметки за секоја наплатена стока или услуга.
„Покрај тоа, деловните субјекти се должни да го евидентираат остварениот промет и да го уплатат кај носителот на платниот промет, најдоцна наредниот ден по денот на реализација на прометот. Оваа обврска важи за сите кои вршат готовински промет, без разлика дали се обврзници за ДДВ или не, како и без оглед на тоа дали дејноста е постојана или сезонска“, велат од УЈП.
Од таму додаваат дека активностите се дел од мерките кои Управата за јавни приходи ги презема заради зајакнување на даночната усогласеност и обезбедување еднаков третман на сите даночни обврзници.
„Работењето во согласност со законските прописи придонесува за создавање транспарентно деловно опкружување, фер конкуренција и заштита на интересите на граѓаните и државата. Непочитувањето на законската обврска и нерегистрирање на готовинскиот промет, согласно ЗРГП повлекува санкции и тоа изрекување глоби и затворање на деловните објекти“, велат од УЈП.