Економија
(Видео) Битиќи: Нов ден, ново задолжување на владата на ДПМНЕ, граѓаните плаќаат прескапа цена
Владата на ВМРО-ДПМНЕ најави ново задолжување од 15 милиони евра преку заем од Светската банка, со образложение дека парите ќе се користат за унапредување на основното образование. Секое вложување во образованието е неопходно, но да бидеме искрени. ова не е дебата за квалитетот на образованието. Денес, гледаме уште еден пример на непромислено, нетранспарентно и лицемерно задолжување, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница.
Битиќи потсети дека истиот проект за унапредување на основното образование, кој сега ВМРО-ДПМНЕ го предлага преку заем, во 2021 година беше блокиран токму од нив.
„Овој проект тогаш не им беше прифатлив, а денес, истиот го претставуваат како свој успех. Што се смени? Само тоа што сега се на власт“, реагираше Битиќи.
Тој потенцираше дека Владата предлага ново задолжување во услови кога јавниот долг има засилен тренд на зголемување, а државата е турната во должничка спирала и кога истите тие што ги задолжуваат граѓаните немаат храброст да излезат пред јавноста и да кажат каде одат тие пари и под кои услови.
-Наместо конкретен план, листа на училишта или барем критериуми според кои ќе се распределуваат средствата, јавноста доби, молк. Вчера добивме 55 секунди објаснување на собраниска комисија. Денес , 3 минути и 20 секунди. Без ниту еден документ, без визија, без отчет. Само нов долг, обвиен во празни зборови“, посочи Битиќи.
Тој потсети и дека растечката задолженост е без контрола, нагласувајќи дека од 1 јули 2024 до 1 септември 2025, државата се задолжила за над 1,8 милијарди евра. Дополнително, најавени се нови 950 милиони евра преку заеми на меѓународниот пазар и 70 милиони евра од домашните банки. Со тоа, вкупниот износ на задолжување ќе надмине 2,8 милијарди евра.
-Фискалниот совет алармира дека постојат над 700 милиони евра доспеани, но неплатени обврски , тоа е 4,4% од БДП. Тој товар е скриен од граѓаните, но е реален, и еден ден ќе дојде на наплата“, истакна Битиќи.
Тој потенцираше дека јавниот долг од 56,9% од БДП во третиот квартал од 2024, пораснал на 62,4% на крајот на годината, а во првиот квартал од 2025, паднал на 57,7%, само за повторно да се зголеми на 58,5% во вториот квартал.
-Тоа значи дека јавниот долг се зголемил за 867 милиони евра од 8,8 на 9,7 милијарди евра до крајот на јуни 2025. Ова не е стабилност. Ова е должничка спирала“, нагласи Битиќи.
Остра критика упати и за, како што рече, неспособноста на Владата да ги искористи средствата од Европската Унија.
-43 милиони евра за реформска поддршка останаа неискористени. Уште 52 милиони евра аванс не се ставени во функција. Од очекуваните 17,1 милион евра, добивме само 8 милиони, затоа што оваа Влада реализирала само 40% од потребните реформи. Ова не е вина ни на Бугарија, ни на Грција, ни на СДСМ. Ова е вина исклучиво на Владата, која не го исполнила својот дел од обврските. Наместо да користи европски грантови што не мора да се враќаат, тие избираат кредити што ќе ги враќаат идните генерации!“ рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

