Економија
(Видео) Битиќи: Помошта преку четвртиот пакет-мерки ќе стигне онаму каде што е потребна
Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска одржаа прес-конференција во Владата, на која беа презентирани дел од мерките на четвртиот пакет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на Ковид-19.
Вицепремиерот Битиќи, во своето излагање, рече дека во целиот сет инклузивниот пристап во креирањето на мерките е јасно видлив, како и фактот дека државата е партнер на граѓаните и стопанството и дека помошта ќе стигне онаму каде што е потребна. Тој потсети дека со претходниот сет економски мерки, преку мерката за поддршка на плати беа поддржани 20.000 компании кои вработуваат 120.000 вработени.
„Спас на работни места, кои не се само бројка, зад секое работно место стои наш граѓанин или граѓанка кому му е неопходна помош. Ова е солидарна помош и за малите фирми, занаетчиите, самовработените, за кои помошта значи преживување на оваа криза, време во кое тие знаат дека можат да сметаат на помош на државата. Токму поради ова, мерката за поддршка за исплата на плати ќе продолжи и во последниот квартал, односно до крајот на годината за месеците октомври, ноември и декември“, нагласи вицепремиерот Битиќи.
Битиќи информираше дека при креирањето на четвртите пакет-мерки Владата сметала дека е важно покрај солидарноста да се внимава и на правичноста при распределбата на средствата кои државата ги обезбедува за помош, и затоа има мали измени во методологијата на добивање помош за исплата на плати.
Помошта за исплата на плата ќе се спроведува скалесто, согласно падот на приходите кај компаниите. Периодот за пад на приходите ќе се пресметува за периодот од април до август 2020 споредено со истиот период 2019 година. Па така, компаниите кои ќе прикажат:
– 30% до 40% намален приход, ќе добијат 14.500 денари поддршка;
– 40% до 50% намален приход, ќе добијат 15.955 денари поддршка;
– 50% до 60% намален приход, ќе добијат 17.410 денари поддршка;
– 60% до 70% намален приход, ќе добијат 18.865 денари поддршка;
– 70% до 80% намален приход, ќе добијат 20.320 денари поддршка;
-над 80% намален приход, ќе добијат 21.776 денари поддршка.
Вицепремиерот Битиќи потенцираше дека досега спроведените мерки даваат резултати.
„Заводот за статистика излезе со податоци за индустриското производство кое и во месец август како и во претходниот покажува сериозни знаци на закрепнување од првичниот удар на корона-кризата, кој најмногу беше почувствуван во текот на април, мај и јуни. Трендот на движењето на индустријата со падот од 9,1% во август е знак дека индустријата, како еден од најзначајните сегменти на домашната економија, е на добар пат да се врати на нивото од минатата година во текот на последниот квартал од оваа година“, соопшти заменик-претседателот на Владата, Битиќи.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, рече дека овој пакет ќе обезбеди одржливост на домашната економија и на работните места, закрепнување на погодените сектори, стабилност на социјалните трансфери и поттик на јавната потрошувачка.
Економска и социјална сигурност преку платежни картички во износ од 6.000 денари се обезбедуваат за:
– 5.726 самохрани родители;
-за 182.271 пензионерите со пензии до 15.000 денари;
-за 85.108 пасивни баратели на работа;
-за 520 самостојни уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници;
-Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички.
За студентите дополнително се обезбедува поддршка за ученички и студентски стандард во вредност од 44 милиони денари за 2020 година, мерка која опфаќа 884 студенти и 347 ученици.
„Четвртиот пакет економски мерки кој се однесува во делот на директна поддршка преку ваучери, опфаќа над 283.000 наши граѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра“, рече Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

