Економија
(Видео) Битиќи предупреди: Во најава е „Франкенштајн економија“, имаме тотална фискална деструкција
„Наместо фискална консолидација, имаме тотална фискална деструкција. Со нарушување на буџетското правило за дефицитот и неговото зголемување од 3,4% на 4,9% од БДП и зголемувањето на јавниот долг од 58% на 68%, во најава е Франкенштајн економија, во која различни и често контрадикторни економски политики преку ребалансот се соединуваат во една нефункционална и разорна целина“, рече пратеникот од СДСМ, и ексвицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, на кој се расправаше за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година
Битиќи нагласи дека со ребалансот економијата ќе биде претворена во чудовиште составено од разнородни и неприродно споени политики, притоа изнесувајќи оценка дека наместо да се гради економија која обезбедува можности за сите, ќе гледаме заробен систем кој функционира само за привилегираните – и тоа со привилегии стекнати во четири очи.
„Овие основни економски индикатори укажуваат на отсуство на намера и способност земјата да се насочува кон стабилност и просперитет. Ребалансот за кој денес расправаме е првиот економски тест за новата Влада, на кој, со усвојувањето, таа ќе падне, затоа што не се препознава системски и холистички пристап во прекројувањето на буџетот, на повидок е економска динамика која ќе не’ турка кон амбисот. Не се препознава почитување на основните макроекономски правила и принципи“, рече Битиќи.
Во своето обраќање Битиќи предупреди дека ќе се отворат процеси кои сериозно ќе ја оттргнат економијата од стабилност и одржливост, кон што претходно беше насочена и тоа во услови на најголеми економски и енергетски потешкотии.
„Успеавме буџетскиот дефицит да го намалиме на 3,6%, а јавниот долг да го спуштиме на ниво од 55% од БДП. Според проценките на Фискалниот совет, независното тело кое објективно и професионално ги надгледува макроекономските и фискалните политики во земјава, вкупниот јавен долг не смее да надмине 53-55% од БДП. Оваа проценка е според капацитетот и структурата на нашата економија, а не според способноста за оценки правени во четири очи“, истакна Битиќи, притоа дополнувајќи дека дополнителни фискални ризици ќе предизвика проектирањето на буџетските расходи на ниво од скоро 40% од БДП, што е историски највисоко ниво.
„Фискалниот совет оценува дека неопходно е успорување на растот на јавните расходи во однос на растот на номиналниот БДП и нивно сведување на долг рок на 33-34% од БДП, колку што дозволува функционалноста на сегашниот систем на даноци и придонеси“, појасни Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

