Економија
(Видео) Во јавниот сектор се вработени 132.900 лица, најголем број нови вработувања има во здравството
Министерството за информатичко општество и администрација согласно законската обврска го објавуваа Извештајот за вработени во јавниот сектор за 2019 година.Бројот на вработени во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2019 година во изнесува 132.900. Вработените се распределени во 1.324 институции.
„Од вкупниот број, 20.169 лица се вработени во МВР, Армијата, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Управата за финансиска полиција. Поради безбедносни причини, освен како бројка, во овој извештај нема други детални анализи за овие вработени. Во извештајот има деталната анализа за останатите 112.731 вработени во јавниот сектор.
Од оваа бројка, важно е да се направи разлика при дефинирањето помеѓу органите на државната власт или тоа што реално е јавна администрација и остатокот на јавниот сектор.
Бројот на вработени во органите на државна власт во 2019 година изнесувал 16.522, наспроти бројката на вработени во јавниот сектор што изнесува 132.900. Тоа значи дека со статус на јавна администрација се само овие 16.522 вработени. Со други зборови ова е централната власт.
Анализата на бројот на вработени во вкупниот јавен сектор по дејности покажува дека најголем процент се во дејноста образование, односно 32%, здравство 18%, управа 15%.Доколку направиме споредба со Извештајот за бројот на вработени во јавен сектор во 2018 година, може да се заклучи дека бројот е зголемен за 832 лица, односно за 0,6%“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека во 2019 година се зголемува бројот на висококвалификуван кадар во јавниот сектор. Поточно, во однос на 2018 година, зголемен е бројот на вработени со високо образование за 932 лица, 229 магистри и 23 доктори на науки. Најголемиот број нови вработувања во 2019-та година биле во дејноста здравство.
„На ниво на сите органи во состав на министерствата, како основата на јавната администрација, споредено со 2018 година вкупниот број на вработени е намален за 72 лица. Ова значи дека новите вработувања се прават согласно потребите на институциите, во сектори каде што тоа е најпотребно, и се вработуваат лица кои се со високо образование и во служба на сите граѓани. Ова исто така значи дека опозицијата подобро е да ги почека официјалните извештаи и реални бројки, наместо да се занимава со шпекулации и ширење лажни вести“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека во акционерските друштва во целосна државна сопственост, вкупно се вработени 8,800 лица, од кои 8,545 на неопределено време, 83 на определено време и 172 преку агенции за привремени вработувања. Овој број, не влегува во анализитесодржани во овој извештај. Би сакал да напоменам дека за овие анализи немаме законска обврска, но ние сепак почнавме да ги објавуваме и овие бројки по смената на власта.Споредено со 2018 та година, во акционерските друштва намален е бројот на лица вработени на определено време и лица вработени преку агенции за привремени вработувања.Преку агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор, работно ангажирани се вкупно 3.222 лица. Овие лица немаат статус на вработени во јавниот сектор и не влегуваат во анализитесодржани во овој извештај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.
Економија
УЈП: Пилот фазата на е – фактура покажува конкретни резултати, најавени се 148 компании
Управата за јавни приходи информира дека пилот фазата на националниот систем за е-Фактура успешно се спроведува во реални услови и веќе покажува мерливи резултати кои ја потврдуваат активната подготoвка на деловната заедница за новиот модел на дигитално фактурирање.
До овој момент, за тестирањето се најавени 148 компании, од кои 57 успешно се регистрирани во системот. Од нив, 15 компании активно го користат системот и имаат креирано и доставено 1.115 е-фактури, при што 396 фактури се успешно верификувани преку платформата.
„Овие показатели ја потврдуваат функционалноста и стабилноста на решението во пилот фазата. Компаниите кои се приклучуваат во тестирањето обезбедуваат рана техничка подготвеност пред задолжителната примена на системот, директна поддршка при интеграција, како и можност преку своите повратни информации да придонесат кон финалното унапредување на функционалностите. Раното приклучување овозможува полесна адаптација на ERP и интерните ИТ системи, како и навремена подготовка за целосната имплементација“, велат од УЈП.
Управата за јавни приходи ги повикува ИТ компаниите, ERP провајдерите и економските оператори со сопствени ИТ решенија активно да се приклучат во пилот фазата, да го тестираат API интерфејсот и со своите повратни информации да придонесат кон создавањето на стабилен, сигурен и практичен систем за е-фактурирање кој ќе одговара на реалните потреби на бизнис-заедницата.
Корисни линкови за вклучување во тестирањето:
Техничка документација: https://efakturawiki.ujp.gov.mk
Регистрација и доделување привилегии: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg
Тест платформа: https://efakturatest.ujp.gov.mk
Сугестии и забелешки: [email protected]
„Aктивното учество на компаниите во пилот фазата претставува значаен чекор кон партнерско креирање на модерен, сигурен и ефикасен систем на дигитално фактурирање, кој ќе овозможи поедноставени деловни процеси, намалени административни трошоци и повисоко ниво на транспарентност во економските текови. Управата за јавни приходи ги охрабрува сите заинтересирани економски оператори навремено да се приклучат во тестирањето и да придонесат кон успешна национална имплементација и дополнително унапредување на системот додека сè уште е во тест фаза“, велат од УЈП.

