Економија
(Видео) Заев за прогресивниот данок: Ред е тие што имаат повеќе, да платат повеќе
Ова е мерка за којашто се дебатираше долг период. И мене ми е многу логично дел од тие што имаат поголеми приходи да реагираат. Но, реалноста кажува дека ако сакаме да градиме фер и праведно општество, ред е тие што имаат повеќе, да платат повеќе, тие што имаат помалку, да добијат низ институциите на системот повеќе, рече премиерот Зоран Заев, по реакциите на бизнис-заедницата за прогресивниот данок.
„Уште еднаш напоменувам, имаме работноактивни или приматели на приход меѓу 900 000 и милион граѓани. Се работи за еден процент на граѓаните. Околу 9 000 граѓани ќе потпаднат под новиот праведен данок. Тоа значи дека секој којшто има месечен приход над 90 000 денари, за тоа што е над 90 000 денари ќе треба првпат да плати 8 проценти. Односно, ако има нето-приход од 100 000 денари, за 10 000 денари треба да плати 8 проценти или 800 денари“, рече Заев.
Дај боже, додаде тој, сите да имаме во државата приход поголем од 90 000 денари. „Мојот приход е 87 000 денари, тоа е платата на премиерот. Зборуваме за приход над премиерската плата, над претседателската плата, веројатно во државата над пратеничката плата итн. Реално, се акумулираат некои средства од 25 милиони евра, но преку 33,34, милиони евра, враќаме пари за зголемување на 300 проценти на социјалната помош во државата“, рече Заев.
На новинарско прашање дали е можно Владата да отстапи од воведување на прогресивниот данок, Заев вели дека веќе е направена отстапка.
„Ние ја направивме нашата отстапка. Од 1 000 евра отстапивме на 1 500 евра. Имаше дебата, има многу земји што имаат 3 стапки, еве ги измеривме моделите, видовме каде во кои земји какви резултати даваат, притоа тие земји да бидат слични по структура како Република Македонија, и ние ја направивме отстапката. Јас апелирам сите да имаме разбирање и да покажеме солидарност на дело“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

