Економија
(Видео) Заев: Инвестицискиот план за Западен Балкан ќе создаде одржлив раст и нови работни места
Премиерот Зоран Заев традиционално и годинава се обрати на Виенскиот економски форум, посветен на Економскиот инвестициски план за Западен Балкан, со кој е предвидено финансирање до 9 милијарди евра за инвестиции во областите на транспортот, енергијата, зелената и дигиталната транзиција.
Заев истакна дека Виенскиот економски форум исклучително успешно ја остварува својата мисија да биде точка за унапредување на регионалната економска соработка на земјите од Западен Балкан и Југоисточна Европа. Тој додаде дека Владата со поддршка на сите фактори во општеството, како и со меѓународните финансиски институции, креира мерки за ублажување на ефектите од пандемијата со план за раст на економијата на среден и долг рок.
„Особено внимание посветивме на креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија. Во Република Северна Македонија на почетокот на оваа година се утврдени охрабрувачки трендови, кои се резултат на шест пакет-економски мерки во текот на изминатите 12 месеци. За тоа говорат и буџетските приходи, кои се повисоки во однос на преткризниот период: 4,4 % е растот на вкупните приходи, 5 % е растот на даноците и придонесите. Сите пакет-антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаа граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност и солидарноста“, рече Заев, кој заедно со премиерот Јанша е патрон на Виенскиот економски форум.
Премиерот истакна дека растат извозот, индустриското производство, трговијата. Дополнително, регистриран е раст во сферата на кредитирањето на бизнисите и граѓаните, како и на просечната нето-плата.
„Проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 14 отсто, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто, бројот на вработени е проектирано да порасне 1,9 отсто, а невработеноста да се намали соодветно на тоа. Подготвивме нов план за финансирање забрзан раст (Growth Acceleration Financing Plan) како стратешки документ на Владата, кој има цел преку изнаоѓање нови механизми и извори на финансирање да го поттикне економскиот раст, но и да влијае на фискалната консолидација, односно стеснување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг“, рече Заев и додаде дека овој план е во согласност со приоритетните проекти и ги дефинираат националните приоритети за капитални инвестиции во наредните 4-5 години, тој е комплементарен на можностите што ги нуди Економскиот инвестициски план за Западен Балкан на Европската комисија.
Заев потсети дека на самитот на Берлинскиот процес, што се одржа во Софија, Северна Македонија се приклучи на потпишувањето две важни политички декларации што ќе го забрзаат идниот економски раст.
„Првиот е за спроведување заеднички регионален пазар меѓу шесте земји од Западен Балкан, а вториот е за спроведување на зелената агенда за Западен Балкан, подготвен од Европската комисија. Двата процеса ќе доведат до понатамошно зајакнување на регионалната економска интеграција, што дополнително ќе го забрза економскиот раст на Северна Македонија. Заедно со Економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, кој издвојува до 9 милијарди евра за целиот регион во следните неколку години, ќе создадеме солидна основа за идните перспективи на регионот. Јас сум оптимист дека инвестициите во областите на транспортот, енергијата, зелената и дигиталната транзиција ќе создадат одржлив раст и работни места“, потенцира Заев.
Преку инвестициската рамка за Западен Балкан досега се финансирани 23 проекти во вредност од речиси 2,1 милијарди евра грантови и заеми во Република Северна Македонија. Европскиот инвестициски план за Западен Балкан се очекува да даде ново, силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, да поддржи зелена и дигитална транзиција. Премиерот истакна дека националните институции веќе работат со голема посветеност на процесот на планирање на предвидените проекти, кои ги исполнуваат критериумите да бидат поддржани со цел ефикасно да бидат искористени средствата предвидени од Економскиот инвестициски план за Западен Балкан.
На Виенскиот економски форум воведни обраќања има и Оливер Вархељи – еврокомесар за соседска политика и проширување на ЕУ, Јанез Јанша – претседател на владата на Република Словенија, Томас Арнолдер – извршен директор на Групацијата А1 телеком Австрија, домаќин на овој настан на Виенскиот економски форум, како и Петар Умундум – претседател на Виенскиот економски форум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.