Економија
(Видео) Заев: Намалување на невработеноста за 4,8 отсто, растот на БДП изнесува 4,1 отсто
Растот на БДП во првиот квартал изнесува 4,1 отсто и е највисок квартален износ во последните две години, информираа премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев.
„Задоволство ми е да соопштам дека растот на бруто домашниот производ во првиот квартал изнесува 4,1 %, што е највисокиот квартален износ во последните две години. Математички прецизно – има разлика: Разликата од пред две години е 4.1%. Очекуваме разликата да се зголемува, зашто во вториот квартал стапката на раст на бруто-домашниот производ во 2017 година беше -1.8%. Со оваа изразита разлика паѓаат во вода вчерашните небулози на ВМРО-ДПМНЕ дека нема напредок во економијата. Податоците ги демантираат сите нивни лажни и драматични информации“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека оваа бројка е силен показател за исправноста на сите економски политики и програми кои се во насока на креирање на силна економија која отвора шанса за сите наши граѓани.
„Денес Државниот завод за статистика соопшти дека невработеноста во првиот квартал е 17,8 %. Ако се земе во споредба со вториот квартал од 2017 година, кога невработеноста беше 22,6, кога Владата започна со работа, тоа значи намалување на невработеноста од 4,8 проценти во изминатите две години. Да бидам попрецизен тоа се 49.522 нови вработувања. Само во еден квартал имаме пад од 1,6% или 17.600 нови работни места“, посочи премиерот Заев.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека економските политики се креираат врз база на реални податоци и бројки, како и во согласност со долгорочните стратегии, на што Владата е целосно посветена. Тој дополни дека во изминатите две години, од виртуелна економија, во која непродуктивните проекти на Владата имаа централно место, со напорна работа денес економијата е поставена на добри основи, каде што реалниот сектор и стопанството имаат централна улога.
„Сите клучни гранки кои значително учествуваат во Бруто домашниот производ бележат раст: градежништвото над 7%, земјоделството над 13%, преработувачката индустрија над 3,5%, а бруто инвестициите во првиот квартал бележат раст од 9,9%. Тоа значи дека и домашните и странските компании реализираа нови инвестиции“, потенцираше Анѓушев.

Вицепремиерот додаде дека од стапка на невработеност од 22,6 во вториот квартал на 2017 година, денес стапката на невработеност изнесува 17,8 проценти, што значи дека невработеноста е намалена за 4,8 процентни поени.
„Во изминатите две години отворени се нови 49522 работни места, а забележлива е забрзана динамика во однос на намалување на невработеноста. Само во една година помеѓу првите квартали на 2018 и 2019 година, вработени се над 39 илјади лица, додека само во првиот квартал на 2019 година вработени се над 17600 граѓани. Очекуваме позитивен тренд во економијата и понатаму, затоа што Владата одлично знае кои политики и мерки треба да се спроведуваат за поддршка на домашните и странските инвестиции. Само во минатата година се поддржани околу 250 компании, додека оваа година во буџетот се планирани за 47% повеќе средства за поддршка на економијата“, нагласи вицепремиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.
Економија
Зголемување на прагот за ДДВ-обврзници и зголемување на повратот преку „Мој ДДВ“, предлага Левица
Пратеничката група на Левица ќе поднесе измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше на денешната прес конференција пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.
Тој појасни дека предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Дополнително, се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите фирми.
„Со оваа мерка сакаме да го растеретиме даночниот товар кој во моментов е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци и за УЈП и за малите субјекти често се поголеми од самата даночна обврска. Со овој пакет отвораме суштинска дилема – кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна: прогресивен и праведен даночен систем. Оттука, и во иднина ќе предложиме други мерки од овој тип за остварување на оваа цел”, рече Исмаил – Хактан.

