Економија
(Видео) Заев: По постигнатата спогодба со „Макпетрол“, сите граѓани се сопственици на националниот гасовод

Премиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања во Собранието најави дека со донесениот закон за ГАМА продолжува со интензивно темпо реализацијата на гасификацијата како една од најважните стратешки интереси на државата.
„По прифаќањето на законот во Собранието, сите граѓани се сопственици на националниот гасовод, што е огромна придобивка за граѓаните и за националните можности на државата“, оцени премиерот Заев.
Заев додаде дека наместо да биде присутен само еден извор на гас, со што државата со години се држеше во монополска позиција, сега е отворена можноста да влезе и азербејџански гас, да влезе и течен гас од Америка, од Катар, од Турција.
„Ја најавувам првата директна инвестиција, а тоа е нашето учество во гасоводот од Александрополис. Доживеавме нашата земја да инвестира во Грција, во гасниот терминал во Александрополис, инвестиција меѓу 6 и пол и 7 и пол милиони евра и ќе имаме 10 проценти учество, Грција има веќе 20 проценти учество, Бугарија има 20 проценти учество, една американска и една грчка компанија се преостанатите партнери и да учествуваме со 25 проценти во гасната централа на природен гас во Александрополис“, објасни премиерот.
Изградбата на интерконекторот со Грција, како што рече Заев, е проект вреден 54 милиони евра, од кои од инвестициската рамка за Западен Балкан имаме 14 милиони евра грант.
„Завршена е целата документација, на почетокот на 2021 година очекуваме почеток на изградбата на овој интерконектор, кој првпат ја дава можноста да влезе втор, трет, четврти, петти извор на гас“, нагласи премиерот.
Тој посочи дека покрај овој интерконектор, се работи на реализацијата на други три интерконектори за гас.
Заев изрази очекување за 30-процентно намалување на цената на природниот гас во државата, што како евтин и еколошки енергенс отвора голема еколошка и енергетска можност за Македонија, за стопанството и за граѓаните.
„Ова ја развива и можноста за изградбата гасни централи за производство на електрична енергија, како и ревносно да ја следиме еколошката агенда на државата во согласност со Европската зелена агенда, односно брзата транзиција од јаглен во еколошки реагенси, за производство на електрична енергија“, дополни премиерот на седницата за пратенички прашања во парламентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Цените на нафтата паѓаат

Цените на нафтата паднаа под 61 долар на меѓународните пазари денес, поради мрачни проценки за вишок понуда и знаци за затоплување на односите меѓу САД и Русија што би можело да значи полесен пристап до руска нафта.
На лондонскиот пазар, цената на барел по пладне беше за 72 центи пониска отколку на затворањето на трговијата на крајот од минатата недела, на 60,57 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше по цена за 66 центи пониска, на 56,88 долари.
Расположението на пазарите е намалено од проценките за вишок понуда на крајот на оваа година и почетокот на следната година.
Понудата брзо расте, додека побарувачката е пригушена, објави Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) минатата недела.
Во такви услови, светските залихи достигнаа највисоко ниво за четири години во август, од 7,9 милиони барели, пресмета агенцијата, а вишокот на понуда треба нагло да се зголеми најдоцна од следната година.
Инвеститорите се загрижени и за затворањето на американската влада поради спор околу буџетските трошоци.
Демократите го условуваат прифаќањето на предлогот за буџет за 2026 година со продолжено финансирање на програмата за здравствено осигурување за најранливите групи граѓани, додека републиканците ја отфрлаат оваа отстапка.
Дури 750.000 владини службеници би можеле да бидат испратени на неплатен одмор, што исто така ќе значи пониски трошоци, предупреди независниот институт CBO.
Економија
Инженерите на „Фероинвест“ го претставија на „МАКО CIGRE“ најновиот проект за батериски системи

Фероинвест учествуваше на годинешната конференција на МАКО CIGRE, каде беше презентиран трудот на тема „Интеграција на батериски систем од 1.6 MW / 3.73 MWh во постоечка фотоволтаична централа“.
Трудот, подготвен од инженерите Стефани Георгиевска, Сандра Цветанова, Сашо Милевски и Војдан Андонов, претставува практичен пример за примена на домашно знаење и технологија во проектирање и изведба на современи системи за складирање електрична енергија (BESS).
Со овој проект, ФЕРОИНВЕСТ ја демонстрира својата инженерска подготвеност за интеграција на батериски системи, кои се клучен дел од енергетската транзиција и овозможуваат поголема ефикасност, стабилност и исплатливост на инвестициите во обновливи извори на енергија.
„ Македонија располага со знаење и експерти кои можат да реализираат високотехнолошки енергетски решенија според европски стандарди, што се покажа со тоа што нашите инженери ја инсталираа првата лиценцирана батерија за складирање електрична енергија во земјава“ изјавија од Фероинвест.
Анализите прикажани во трудот потврдуваат дека ваквите системи се профитабилни и економски оправдани, со период на поврат на инвестицијата од околу 4 години и значителна добивка во текот на работниот век на батеријата.
Тоа ги прави батериските системи не само технолошка потреба, туку и одлична можност за инвеститорите кои сакаат да вложуваат во модерна, стабилна и исплатлива енергетика.
На советувањето на здружението на професионалци, инженери, универзитетски професори и компании од енергетскиот сектор во Македонија, МАКО CIGRE, ФЕРОИНВЕСТ одржа и посебна корпоративна презентација на која ги запозна присутните со сите проекти за кои компанијата нуди решенија ,,клуч на рака”, за батериски системи, фотонапонски електрани, мали хидроелектрани, биогасни електрани, производство на трафостаници, со комплетно вклучено проектирање, изведба, одржување и откуп на електричната енергија.
ПР
Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 13.10.2025 година.
Од 21.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 67,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 36,047 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,047 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,614 ден/кг и сега ќе изнесува 36,047 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,270%, кај дизелот за 3,247%, кај екстра лесното масло за 3,963% и кај мазутот намалувањето е за 3,144%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5468%.