Економија
(Видео) Земјите од Југоисточна Европа ќе станат еден пазар за електрична енергија, рече Анѓушев
Земјите од Југоисточна Европа ќе станат еден пазар за електрична енергија, изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, за време на отворањето на работилницата за „Техничка поддршка за институционалната поставеност на организираниот ден-однапред пазар на електрична енергија“, во организација на Македонскиот електропреносен систем-оператор.
Вицепремиерот истакна дека со новиот Закон за енергетика се овозможува зголемена конкурентност на пазарот на енергенси во сите сегменти, а дека механизмот на пазар за ден-однапред, кој беше темата на работилницата, е еден дополнителен чекор кон зголемување на конкурентноста. Тој појасни дека воведување ваков механизам не треба да се поистоветува со формирање берза за електрична енергија, која е покомплексен процес.
„Со воведување на механизмот ќе се даде можност на сите оние кои имаат потреба да продадат или да купат електрична енергија од денес за утре. Овој механизам не е формирање берза на електрична енергија, за берза е потребна поширока организација и структура. Формирањето берза го започнавме со спојувањето на пазарите на електична енергија на Република Македонија и Република Бугарија и сметам дека во иднина сите земји од Југоисточна Европа ќе бидат еден пазар, со што бенефит ќе имаат сите граѓаните во регионот. Вакви системи веќе функционираат во цела Европа со успех“, потенцираше Анѓушев.
Анѓушев дополни дека со воведување на механизмот ќе се добие транспарентна цена на електрична енергија на ден-однапред пазарот, којшто од друга страна е тесно поврзан со воведување на „премиум“ тарифите и зголемувањето на производството на електрична енергија, како и овозможување сигурен откуп на произведената електрична енергија од обновливи извори.
Директорот на МЕПСО, Сашо Василевски, истакна дека организираниот и технички поддржан пазар е особено важен за финансиска сигурност на производителите, трговците, снабдувачите и крајните потрошувачи на електрична енергија.
„Транспарентноста околу цените, конкурентноста на понудувачите и уште сет други карактеристики што го формираат финалниот производ, се неопходната иницијација, која води кон нови вложувања во енергетиката во регионот“, истакна Василевски.
На работилницата, од страна на претставници на словенечкиот оператор со енергија „Борзен“ беше извршена презентација на „Извештај за техничка поддршка на Република Македонија за институционалната поставеност на организираниот ден-однапред пазар на електрична енергија“, пред претставници на електроенергетски компании кои работат во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Средба Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Никол Варнс, на која беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.
На средбата беше истакнато дека Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима.
Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.
Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.
Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.
Економија
Фон дер Лајен: ЕУ треба да ги поедностави регулативите
Европската унија мора да ги поедностави пазарите на капитал и регулативите за да ја намали фрагментацијата и да ја зајакне конкурентноста на блокот, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„На нашите компании им е потребен капитал сега“, нагласи таа. „Мораме, на еден или друг начин, да ги срушиме бариерите што нè спречуваат да станеме вистински глобален гигант“, пишува DW.
Фон дер Лајен го опиша сегашниот систем на ЕУ како „фрагментација на стероиди“ и повика на „еден голем, длабок и ликвиден пазар на капитал“.
„Да го земеме повторно примерот на САД: еден финансиски систем, еден финансиски центар и неколку други финансиски центри“, рече таа, додавајќи дека Европската Унија има не само 27 различни финансиски системи, туку и повеќе од 300 места за тргување.
ЕУ идентификуваше клучно прашање што би можело да ја зајакне конкурентноста на блокот. За разлика од САД, европските компании имаат тешкотии во пристапот до капиталот што им е потребен за проширување и раст. Европската комисија предложи поедноставување на националните правила за создавање унија за штедење и инвестиции. Но, хармонизирањето на финансиските правила во Европа се покажа како тешко во минатото.
Фон дер Лајен ги повика пратениците да дејствуваат брзо, велејќи дека ќе го поттикне законодавството дури и ако не сите земји-членки се подготвени да ги променат своите национални правила.
„Доколку не се постигне договор, ЕУ треба да размисли за засилена соработка меѓу земјите што сакаат да учествуваат“, рече таа.
Еден од најзначајните, но и контроверзни, предлози за зајакнување на европската економија е да им се даде предност на европските компании во „стратешките“ сектори во однос на странските конкуренти, план што го поддржува фон дер Лајен.
„Во стратешките сектори, европската предност е неопходен инструмент за зајакнување на производствената база на Европа“, рече таа, предупредувајќи против пристапот „една големина одговара на сите“. Во својот говор, таа додаде дека Европа треба да ја зголеми својата конкурентност преку „зголемување на производството“ на континентот и „проширување на својата мрежа на сигурни партнери“.
Таа, исто така, ја нагласи важноста на потпишувањето трговски договори. По неодамнешните договори со јужноамериканскиот блок Меркосур и Индија, таа рече дека нови се на пат, со Австралија, Тајланд, Филипините и Обединетите Арапски Емирати.
Фон дер Лајен го објави ова пред да им се придружи на лидерите на ЕУ, вклучувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на собирот на индустриски менаџери во Антверпен. Настанот се случува пред самитот на лидерите на ЕУ во четврток, на кој ќе се разговара за зајакнување на економијата на Унијата.
фото/Depositphotos

