Економија
(Видео) Калеска-Ванчева: Донесени мерки за заштеда на струја, домашното производство зголемено за 15 отсто
Со цел што полесно да се помине најтешката зима на енергетски план, Министерството за економија подготви план и препораки „Заштеда на струја за безбедна зима. Овој план е со цел потрошувачката на електрична енергија да се намали за 15 отсто споредено со истиот месец од претходната година, првенствено за да се намалат трошоците за струја, а потоа и електричната енергија да биде достапна секому и секогаш. Електрична енергија оваа зима ќе има доволно, но од секој од нас зависи како и за што таа ќе се користи. И понатаму потребите за електрична енергија на ЕВН Хоум за граѓаните и малите потрошувачи ќе се задоволуваат исклучиво од наше сопствено домашно производство, без увоз на струја, изјави на денешната прес-конференција Снежана Калеска-Ванчева, пратеничка на СДСМ.
Таа додаде дека АД ЕСМ во првите седум месеци од 2022 година произведе за 15 проценти повеќе електрична енергија во однос на истиот период лани. Зголеменото производство се должи на зголемувањето на производството од термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј од 40 отсто, додека целиот план за производство за 2022 година е направен со 20 отсто.
Но и покрај ова важно е сите, од јавните установи и институции, преку приватните компании, па сè до домаќинствата да ја намалат потрошувачката на електрична енергија. Јавните институции и државни претпријатија добија задолженија за намалување на потрошувачката на електричната енергија во периодот од први септември до 31 март 2023 година како што се, да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици. Да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина. Во јавните објекти, во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени. Јавните институции, во рамките на буџетите, да инсталираат колекторски системи за загревање на вода, доколку тоа е разумно и исплатливо. Јавните институции целосно да го исклучат осветлувањето во излозите во период по работно време. Да се заменат старите светилки со вжарено влакно со компактни флуоресцентни светилки. Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, односно клима-уредите во работните простории.
Со почитување на овие задолженија и препораки ќе се намали потрошувачката на електрична енергија, ќе се намалат сметките за струја и нема да дојде до загрозување на редовното снабдување на електричната енергија. Затоа, сите да се водиме од овие препораки во периодот што следува, изјави Ванчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

