Економија
(Видео) Ковачевски: Со нова инвестиција од 200 милиони евра стануваме крстосница на Балканот
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на настан по повод потпишување договори за изградба на железничката пруга за прва и втора фаза на Коридор 8 и реконструкција на железничката пруга на Коридор 10.
На потпишувањето на договорите присуствуваа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за финансии Фатмир Бесими и за транспорт и врски Благој Бочварски, како и претставници на компаниите „Саваж“, „Штрабаг“, „Ѓулермак“ и „МТВ“ и од Делегацијата на ЕУ и ЕБОР.
„Станува збор за инвестиција од 200 милиони евра во која се планирани ревитализација на Коридорот 8 на делницата Куманово – Бељаковце, делницата Бељаковце – Крива Паланка, како и ремонт на делницата Ногаевци – Неготино на Коридорот 10. Градежните зафати кои ја опфаќаат ревитализацијата покрај подобрување на техничките карактеристики на пругата, ќе обезбедат целосно модернизирање по европски стандарди преку изградба на нови мостови, поставување безбедносни бариери и заштита од врева и вибрации, поставување а нови сигнално сигурносни уреди, изградба на нови железнички станици, итн. Ова е последниот од неколкуте големи инфраструктурни проекти со кои се заокружува идејата за Северна Македонија како раскрсница на Балканот, а кој ќе овозможи регионално поврзување и интеграција на Република Северна Македонија во европските железнички коридори. Со оваа инфраструктурна инвестиција се отвораат и практично обезбедуваат нови пазари за домашните компании. Нашите компании полесно и побрзо ќе се поврзат со регионот и пошироко, што отвора многу нови можности за просперитет и економски развој”, изјави премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека пред нас е уште еден доказ дека политиките на пријателство, добрососедство и соработка значат развој и поединечно за двете земји, но и за регионот. Кога постои волја, тие политики лесно и најпрактично се преточуваат во конкретни, реални и остварливи цели во интерес на граѓаните. Тоа е нашиот фокус и нашата заложба, да се поврзуваме со земјите од регионот на начин кој ќе овозможи просперитет за сите, а со кои граѓаните ќе бидат економски зајакнати. Регионалниот развој и соработка, како и досега останува наш приоритет.
„Оваа денешна инвестиција ќе придонесе овој партнерски однос да се продлабочи и развива. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат и очекуваат забрзан развој кој ќе обезбеди повисок стандард. Храбрите, тешки и патриотски одлуки кои ги донесовме, од денес се преточуваат во конкретни проекти кои ќе обезбедат севкупен развој. Она што е важно е дека имаме јасна визија за иднината, ја движиме државата напред. Северна Македонија економски, политички, општествено ќе се развива, а денешните и идните генерации градиме демократско, европско општество во кое граѓаните ќе се економски напредни со подобрен квалитет на живот”, рече премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.