Економија
(Видео) Ковачевски: Со ребалансот на буџетот обезбедивме 76 милиони евра како антикризна поддршка
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање истакна дека Владата и надлежните министерства и институции имаат план за амортизирање на една од најтешките кризи по Втората светска војна, која ни престои во зимскиот период не само нам како држава туку и на светско ниво.
„Уште при конципирањето на ребалансот за 2022 година, кој беше изгласан во Собранието, ги имавме предвид овие факти и затоа со ребалансот што се изгласа во Собранието се определија дополнителни 76 милиони евра за антикризни мерки. Тие антикризни мерки се во фаза на подготовка, ќе бидат комуницирани со стопанските комори и другите заинтересирани страни во општеството како и секогаш досега и откога ќе бидат земени сите сугестии предвид, ќе бидат операционализирани преку соодветните министерства.
Второ, со оглед дека има енормно зголемување на цените на храната, а особено на импутите на производството на храна, а тоа се вештачките ѓубрива, недостигот на одредени основни прехранбени производи, како што е житото, и сите гледате што се случува со задоцнетите испораки на жито од пристаништето во Одеса, за што се надеваме дека конечно со помош на меѓународните организации ќе почне, исто така ги зголеми и цените на храната. Затоа, 32 милиона евра се определени во ребалансот за зголемување на домашното производство на храна“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Ковачевски, истакна дека со оглед на тоа што земјата се наоѓа во период на најголема инфлација по Втората светска војна и која е на ниво помеѓу 9 и 10 %, а во некои држави во Европа е веќе и над двоцифрената бројка од 10 %, веќе се определени мерки, кои се усогласени со монетарната политика. Овие мерки се од фискален карактер во однос на зголемување на примањата во разни области и зголемување на пензиите за 320 илјади пензионери, исплата на сите субвенции за земјоделците и определување средства за развојни проекти.
Во однос на капиталните инвестиции, забележливо е дека тие се намалени во однос на првичната проекција во оригиналниот буџет, но исто така факт е дека сумата што во моментот е проектирана во ребалансот е 8,8 милијарди денари повисока во однос на минатата година или 16,1 милијарди денари поголема во однос на износот предвиден за капитални инвестиции во 2020 година.
„Тоа на овој буџет му дава развојна компонента од аспект на тоа што дефицитот кој е предвиден не беше зголемен на ниво на кое го предвидуваа одредени економисти со опозициска провиненција, а тоа се должи на фактот што Владата презеде мерки за ригорозно штедење, кое се отсликува преку заштеда на 200 милиони евра непродуктивни трошоци, кои се наменети за справување со економската криза“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот посочи дека Министерството за финансии активно ја следи состојбата и води разговори со голем број финансиски институции, кои ќе треба да обезбедат по најповолни каматни стапки, со оглед на движењето на стапките на пазарите, задолжување со најниски можни стапки во моментот. Од тој аспект имаме стабилен финансиски систем, кој се однесува како на фискалниот така и на вкупниот монетарен систем вклучувајќи го и банкарскиот сектор, како и стабилноста на денарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

