Економија
(Видео) Марковска: Обезбедена храна, енергенси и парно за зимата, само Мицкоски блокира

Владата предводена од СДСМ во пресрет на најтешката зима, со одговорни мерки и политики обезбедува стабилно и сигурно снабдување со храна, енергенси, електрична и топлинска енергија, изјави на прес-конференција, пратеничката на СДСМ, Даниела Марковска.
Таа порача граѓаните да бидат спокојни. Вели зимата ќе биде тешка, но криза за храна и основни продукти нема да има.
„Го зголемуваме домашното производство на храна, со исклучително добрата регионална соработка се гаранатира дека нема да има недостиг на храна во земјата. Обезбедени се средства, во претстојната зима да има доволно за сите потреби за енергенси и топлинска енергија. На регулираниот пазар на електрична енергија, покрај домаќинствата и компаниите – мали потрошувачи, вклучени се и сите основни и средни училишта и здравствени институции, со што обезбедуваме непречена настава со физичко присуство и здравствени услуги за сите граѓани“, изјави Марковска.
Како што додаде, над 600.000 домаќинствата плаќаат само 20 отсто од потрошената електрична енергија – 80 проценти е субвенција од државата.
Над 70.000 компании и други правни субјекти со годишен промет до два милиони евра добиваат субвенционира електрична енергија, три пати пониска од берзанската.
Одобрени се 1,1 милијарда денари за набавка на енергенси, за непречено снабдување на Град Скопје со парно греење во текот на претстојната зима.
Се водат и преговори во регионот, за да се увезе електрична енергија по цена помала од берзанска, како и енергенси за производство на струја, за приватниот сектор, рече Марковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.