Економија
(Видео) Николовски: Околу 4 милиони денари ќе се исплатат на струмичките земјоделци за штетите во 2017 и 2018 година
Околу 450 земјоделци во Струмица ќе добијат обештетување за штетите предизвикани врз земјоделските посеви од елементарните непогоди во 2017 и 2018 година, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во рамки на денешната посета на Струмица.
„Ова беа постапки коишто беа заглавени низ административните лавиринти и законските процедури. Ние ги направивме сите напори да го одблокираме целиот процес, земјоделците да бидат обештетени и врз основа на многу анализи, проценки и врз основа на елаборатите од општините, Владата донесе одлука обештетувањето да биде 10% од проценетата штета. Меѓу овие општини е и елаборатот поднесен од општина Струмица. Во Струмица ќе бидат исплатени околу 450 баратели коишто имаат претрпено штети врз земјоделското производство од елементарните непогоди во 2017 и 2018 година, за што вкупно ќе се исплатат околу 4 милиони денари. Ова е дополнителна поддршка, со којашто решаваме уште еден проблем и на секој можен начин гледаме што повеќе средства од буџетот да стигнат до граѓаните“, изјави министерот Николовски.
Дополнително, министерот Николовски посочи дека Владата донесе одлука и за исплата на обештетување за штетите од елементарни непогоди врз земјоделските посеви во 2021 година во општините Росоман, Демир Капија, Ранковце, Карбинци и Богаданци. Вкупниот процент за обештетување и за овие 5 општини е 10% од проценетата штета. Со одлуката ќе бидат исплатени 1.072 субјекти. Односно, вкупно за овие пет општини ќе се исплатат 41,2 милиони денари.
Согласно двете одлуки за штетите врз земјоделството од елементарните непогоди во 2016, 2017, 2018 и 2021 година ќе се исплатат 4,5 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Доколку Европа не отстапи од планот за воведување на јаглеродна такса, ќе ни се случи тргување со електрична енергија исклучиво помеѓу земјите кои што не се членки на ЕУ, посочи Бислимоски
Доколку Европа не отстапи од планот за воведување на јаглеродната такса кај земјите членки на Енергетската заедница, наместо интеграција со земјите членки на ЕУ и формирање на еден заеднички европски пазар ќе ни се случи тргување со електрична енергија исклучиво помеѓу земјите кои што не се членки на ЕУ – посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ на трибината посветена на предизвиците во енергетскиот секторот, насловена како „ Центар за енергетска политика на Западен Балкан“ што се одржа во Приштина.
Бислимоски образложи дека крајната цена на електричната енергија што се нуди на отворениот пазар нема да биде конкурентна, затоа што цената ќе се зголеми поради јаглеродната такса.
„Ние може да ја усвоиме најдобрата легислатива, но клучно е какви резултати дава имплементацијата на одреден закон во пракса. Сите земји членки на Енергетската Заедница соработуваат и испорачуваат реформи затоа што тоа е единствениот начин да се оди напред. Кај нас усвоени се првиот, вториот и третиот енергетски пакет, а сега и четвртиот енергетски пакет се имплементира. Ако се анализира изминатиот период може да се заклучи дека сите земји одат напред: берзите за електрична енергија функционираат, имаме зајакнување на меѓуграничните капацитети, а тоа е подготовка за спојување на пазарите, што пак ќе придонесе кон привлекување на нови инвестиции. Западен Балкан има сонце и ветер и ако ги погледнеме бројките, од почеток на енергетската криза сите инвестиции се токму во постројки од обновливи извори. Сепак производството на струја од јаглен е присутно и доминантно затоа што од овој ресурс се обезбедува базна енергија што е клучна за стабилноста на електроенергетскиот систем. Со имплементација на јаглеродната такса, ќе се блокира интеграција на земјите од западен Балкан со земјите членки на ЕУ. Нема шанси сопственик на производствен капацитет од овие земји да извезува надвор од ЕУ и ќе останеме затворени во регионална рамки“, кажа претседателот на РКЕ.
Бенефитите од реформите кои се спроведуваат неопходно е да ги почувствуваат граѓаните, и Европа мора да биде свесна дека тие мора да бидат поддржани низ процес на субвенции, порача Бислимоски.
“Ние живееме во средина каде воздухот е исклучително загаден и трошиме многу пари за лекување на граѓаните. Енергетските реформи се тесно врзани со животната средина. Прашањето е едноставно– како овие реформи допринесуваат за подобра животна средина? Треба да се објасни колку пари нашите здравствени институции трошат поради загадениот воздух. Мерки мора да има, граѓаните мора да знаат дека политиката на реформи во секторот дава резултати и наративот ќе се смени. Неопходно е во целост да се реконструира финансиската помош за ранливите потрошувачи и да се ремоделираат условите за употреба на фотоволатичните централи кај домаќинствата. На овој начин граѓаните ќе разберат дека реформите се за заедничко добро“.
Амбасадори, високи економски дипломатски експерти, енергетичари од Енергетската заедница и од Европската комисија беа дел од дебатата што се одржа во Приштина, на која се разговараше за развојот на енергетската политика во Западен Балкан.
Економија
Мицкоски: Буџетот е ликвиден, трезорот нема да се затвори на 15 декември
Премиерот Мицкоски изјави дека Буџетот е ликвиден и сите обврски се извршуваат тековно. Како што појасни Мицкоски, 15 декември не е датум за затворање на трезорската сметка, туку рок до кој институциите е потребно да ги достават сите тековни расходи за навремена исплата.
Според премиерот, и по истекот на овој рок ќе има толеранција и институциите нема да бидат одбиени доколку поднесат налози подоцна. Целта на поставувањето на датумот, вели тој, е подобро планирање и навремено извршување на обврските.
„Јас не реков дека ќе се затвори трезорот, туку го поставивме 15 декември како датум кога сите иснтитуции е добро да ги достават сите оние тековни потреби, расходи и сите средства кои треба да се пренесат до доверителите. Се разбира на тоа додадов дека имаме толеранција. Се разбира дека нема ако некој дојде на 20 декември да речеме клучот е на врата и завршена е работата. Се разбира дека толеранција ќе има, но идејата е да работиме со план, да имаме свесност дека е потребно сето тоа да реализираме со време, да имаме некаква навика и да го почитуваме сето она што ќе го поставиме како план и задачи. Затоа јас ги молам сите институции да дојдат навреме. Не велам дека на 25-ти ако дојде некој со налог нема тоа да се прифати и ќе се одбие, но, навремено да ги испланираме активностите, за да не се случи во 5 до 12 сите да нагрнеме таму и некои од обврските да останат неплатени односно да ги книжиме во следната година. Само тоа е целта, чисто мораме да се навикнеме на некаков ред“, кажа Мицкоски.
Економија
Спектакуларно отворање во Гевгелија: ЏАМБО и ВЕРО станаа новата омилена дестинација во „Gevgelija Mall“
Со огромна посетеност и во празнична атмосфера, овој викенд во Гевгелија и официјално започна со работа новиот, најсовремен ЏАМБО (JUMBO) маркет. Сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“, реномираниот бренд ја реализираше својата голема инвестиција во јужниот регион, носејќи светско шопинг искуство за локалното население.
Отворањето помина во знакот на семејната забава и радоста. Најмладите посетители уживаа во целодневната програма исполнета со музика, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори првиот работен ден на маркетот во вистински настан за градот.
Новиот објект се простира на површина од 3.000 метри квадратни, дизајниран според највисоките светски стандарди. Купувачите веќе имаат пристап до асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски изненадувања.
Како значајна новина за купувачите во Гевгелија е интегрирањето на селектиран асортиман од брендот ВЕРО во рамките на самиот маркет. Оваа стратешка синергија им овозможува на потрошувачите на едно место да ги задоволат сите потреби за домаќинството, штедејќи време и уживајќи во квалитетот на двата силни бренда.
Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека ова отворање е многу повеќе од проширување на продажната мрежа – тоа е исполнување на ветувањето за поддршка на локалната заедница.
„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно влијаеме на економскиот пулс на Гевгелија. Отворивме нови работни места и создадовме силен регионален магнет кој очекуваме да привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседството,“ изјави Денковски.
Менаџментот на компанијата потврди дека експанзијата не застанува тука. Успешната приказна продолжува и следната година со најавеното отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО целосно ќе го заокружат своето присуство во југоисточниот дел на Македонија.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни решенија и производи за целото семејство, под препознатливиот слоган „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
(ПР)

