Економија
(Видео) Николовски: Членството во НАТО и ЕУ ќе гарантира безбедна храна за граѓаните и благосостојба на животните
Ветеринарната медицина како дисциплина има големо значење за здравствената заштита на животните и безбедноста на храната, затоа и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство интензивно работи на подобрување на благосостојбата на животните и обезбедување безбедна храна на граѓаните, истакна министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој присуствуваше на 5. состанок на меѓународниот конгрес на Групацијата Вет-истанбулска група и 8. меѓународен научен собир Денови на ветеринарна медицина 2018, кој се одржа вчера во Охрид.
Николовски посочи дека во исполнувањето на сите цели за развој на ветеринарната медицина од исклучително значење е учеството на науката и на Факултетот за ветеринарна медицина како институција чии експертски ставови имаат важна улога во креирањето на идните политики за заштита на здравјето на животните, благосостојбата и репродукцијата на животните, како и јавното здравје и безбедноста на храната.
„Признание за мерките во делот на ветеринарната медицина добивме и од Европската комисија на последната меѓународна конференција за „Прекугранични болести кај животните во Европа“, што неодамна се одржа во Брисел. Европската комисија ја пофали Македонија за мерките што ги преземаме и кои во најголем дел се усогласени со европските регулативи. Посебно признание како држава добивме за начинот на спроведувањето, заштитата, но и за применетите политики при појавата на болеста јазлеста кожа во 2017 година, што за нас претставува доказ дека се движиме по вистинскиот пат. Македонија веќе има воспоставено систем за информирање и брзо откривање, односно воведени се мониторинг-програми за детекција на овие болести, обуки со одгледувачите и издадени се прирачници за јавноста“, изјави министерот Николовски.
Оваа година на конференцијата присустваа и многу странски експерти, кои ги презентираа своите научни трудови во оваа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26% во однос на одлуката од 24.11.2025 година.
Од 28.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,370%, кај дизелот за 6,738%, кај екстра лесното масло за 6,741% и кај мазутот намалувањето за 3,944%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4085%
Економија
Државниот пазарен инспекторат на терен по најавените продажни акции: трговците да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски
Државниот пазарен инспекторат по повод најавените продажни поттикнувања “Black Friday” акции, ќе врши засилени вонредни инспекциски надзори кај сите трговци на целата територија на државата.
Целта е, како што е соопштено, да се обезбеди заштита на потрошувачите од нечесни трговски практики како и почитување на законските обврски од страна на трговците кои нудат попусти.
„Апелираме до сите трговци да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски.
Секоја неправилност, доведување во заблуда на потрошувачите и измамнички дејствија ќе резултира со соодветни мерки од страна на Државниот пазарен инспекторат во согласност со законите.
Ги повикуваме граѓаните секоја нерегуларност да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk“.
Економија
Трипуновски: Опозицијата манипулира, ИПАРД 3-програмата не е загрозена, активностите течат според планираното
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања изјави дека борбата против корупцијата и криминалот мора да биде бескомпромисна и без исклучоци.
„Борбата со корупција и криминал не познава граници. Ние како Влада и како Министерство тоа го покажавме на дело. Независно дали некој извршува политичка или државна функција, доколку го прекршил Законот, треба да одговара. Сомнежите што постојат мора да се истражат и сите инволвирани да одговараат“, истакна Трипуновски.
Тој потсети дека претходната власт и покрај притисоците од јавноста, укажувањата и документите од свиркачи, не постапувала по наводите за сериозен криминал особено во Министерството за земјоделство додека со него раководел поранешниот министер Николовски.
Министерот објасни дека веднаш по сознанијата за злоупотреби од страна на директорот и други лица, бил активиран Националниот механизам, по што националниот координатор презел мерки за брза реакција и привремено стопирање на работата на Платежната агенција со цел да се утврди што точно се случувало.
„Тоа не значи блокада на средствата од Брисел, како што тврдеше опозицијата. Обидите да се манипулира јавноста дека ќе изгубиме 130 милиони евра грантови и дека земјоделците ќе останат без поддршка се невистини“, нагласи Трипуновски, додавајќи дека реакцијата на државата била оценета позитивно токму од Брисел.
Посочи дека тековните активности во Агенцијата се одвиваат согласно планираната динамика, а ИПАРД апликациите се во фаза на евалуација.
„Во ИПАРД 3 Програмата (2021–2027) вкупниот буџет изнесува 128 милиони евра од кои 97 милиони се европски средства, а 31 милион евра национално кофинансирање. Од 453 склучени договори, 289 се веќе исплатени, 111 корисници немаат поднесено барања за исплата, а 53 договори се во фаза на чекање. Паѓаат во вода обвинувањата на опозицијата дека илјадници договори ќе останат без средства и дека земјоделството ќе колабира“, истакна министерот.
Трипуновски додаде дека опозицијата се обидува со невистини да добие политички поени.

