Економија
(Видео) Царовска во Старата скопска чаршија: Преку 5.200 занаетчии се поддржани да ја надминат кризата
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, денеска оствари средба со претставници на еснафот во Старата скопска чаршија по што заедно со претседателот на здружението, Бејто Морина, извршија обиколка на дуќаните во чаршијата.
Царовска, по средбате со здружението и обиколката на чаршијата, рече дека со занаетчиите разговараше за предизвиците со кои се соочуваат за време на кризата предизвикана од коронавирусот, но и генералните предизвици на дуќанџиите кои работат во Старата скопска чаршија.
„Чаршијата е душата на Скопје, навистина таа дава посебно чувство кога се движите низ неа. Остварив и средба со дуќанџиите кои искажаа благодарност за поддршката од страна на Владата, за субвенционирање на минималната плата за вработените во услови на пандемијата, а го кажаа и своето размислување дека поддршката треба да продолжи и понатаму доколку и кризата продолжи. Владата, како досега, така и отсега, директно со засегнатите страни, во овој случај еснафот од чаршијата, ќе продолжиме да ги разгледуваме можностите за нивна поддршка. Досега, во месеците април и мај, мерката за субвенционирање на минимална плата, самостојните вршители, односно занаетчиите, ја искористиле повеќе од 5.200 вработени и во двата месеца. Тоа значи дека тие продолжиле да работат, ги задржале работните места, што беше и главна цел кога ја дизајниравме мерката. Воедно, работодавачите, сите оние кои се сопственици на дуќаните, на непосредните средби, истакнаа дека оваа мерка помогнала да ги задржат работниците, да не останат без вработени и во наредниот период да се обидат да се рехабилитираат и да се вратат во полн капацитет во последниот квартал од 2020 година“, нагласи Царовска по средбата со претставниците на здружението и средбите со стопанствениците од Старата скопска чаршија.

Претседателот на здружението на еснафот на Старата скопска чаршија, Бејто Морина, рече дека на средбата се разговараше за субвенциите од Владата, односно поддршката во време на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот Ковид-19.
„Добивме помош за сите вработени, преку мерката за минимална плата, тие средства ни помогнаа колку-толку да се среди оваа ситуација, затоа што ако не беше таа помош од владата досега сите вработени ќе беа исклучени од работа. Покрај тоа разговаравме и за други проблеми, проекти и за други работи во иднина, затоа што не знаеме колку ќе трае оваа пандемија. Бараме да ни се излезе во пресрет, да ни се помогне за да можеме да издржиме во оваа криза и да излеземе од неа колку што може побезболно“, рече претставникот на еснафот на Старата скопска чаршија, Бејто Морина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

