Економија
(Видео) Јанушев: АД ЕЛЕМ неосновано раскина договор за ископ на јаглен
АД ЕЛЕМ раскинува договор за ископ на јаглен, при што наместо да ја избере второрангираната компанија која е со најповолна понуда, отпочнува постапка за склучувањеа нов договор кој поради укинувањето на Советот за јавни набавки се одвива во четири очи, рече Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
„За да биде целата ситуација уште покомпримитирачка – тендерот го добива компанијата која е второрангирана од претходниот тендер, но со една огромна разлика. Како што претпоставувате, тоа разлика во цената. Значи истата компанија, наместо да биде избрана како второрангирана, е избрана преку нов договор, но со драстично повисока цена поради што постојат сомневања за сторен криминал и богатење на сметка на државниот буџет“, рече тој.
Според Јанушев, првиот договор кој е раскинат од АД ЕЛЕМ за потребите на РЕК Битола е со фирмата „Трансмет ДОО“ Скопје по цена од 47 денари по гига џул, за отпосле да склучи договор во четири очи со фирмата „Пелистер ДОО“ за цена од 88 денари по гига џул.
На овој начин, рече тој, граѓаните се оштетени за 60 милиони и 500 илјади денари, односно разликата е над еден милион евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Бислимоски: Со новиот Закон за енергетиката се оди кон либерализација на пазарите, што поттикнува инвестиции
Со новиот Закон за енергетиката на регулаторот му се доделуваат сериозни ингеренции во процесот на пазарното поврзување со соседните земји со цел зголемена конкурентност, пониски цени, поголеми инвестиции, посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) на панелот „Обновливи извори: Стратешки преглед на имплементацијата на обновливи извори на енергија“ на конференцијата организирана од Македонското здружение за обновливи извори на енергија (МАРЕС).
„Ние сме инволвирани во пазарното поврзување помеѓу Грција, Македонија, Албанија и Косово преку проект на УСАИД. Главната цел е да станеме интегриран дел од паневропскиот пазар. Со новиот Закон за енергетиката се оди кон либерализација на пазарите, што поттикнува инвестиции. Со овој процес за пазарна интеграција нашите компании ќе имаат можност да учествуваат на пазарите во соседните земји“, посочи Бислимоски.
РKE и со Законот за енергетиката, кој е во сила и во кој е имплементиран третиот енергетски пакет како новина, воведе надзор на пазарите на електрична енергија и природен гас.
„Ние имаме развиено мониторинг-платформа во која се агрегираат податоците од сите учесници на пазарот и доколку утврдиме непазарно однесување, може да почнеме соодветни постапки пред судовите. Нефер пазарно однесување ќе се казнува со дел од приходот“, објасни Бислимоски.
Економија
Mинистерката Димитриеска-Кочоска во работна посета на Брисел
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 8 ноември ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на Конференција во организација на „Пријатели на Европа“, на која ќе стане збор за состојбите во Европската Унија и за политиките за надминување на актуелните и идните предизвици.
Проширувањето на ЕУ е тема на панел-дискусијата во која министерката Димитриеска-Кочоска ќе се осврне на реформите што ѝ претстојат на земјата на патот за полноправно членство во ЕУ, а кои се содржани во неодамна усвоената Реформска агенда, при што ќе ја нагласи цврстата определба на Владата за нејзино спроведување.
Конференцијата е дел од активностите на организацијата „Пријатели на Европа“, преку кои се поттикнува дебата помеѓу засегнатите страни – креаторите на политики, бизнис-заедницата, граѓанското општество, а со цел креирање политики и процеси кои ќе создадат поинклузивна, одржлива и напредна Европа.
Во Брисел, министерката за финансии ќе оствари средби и со високи претставници од Директоратот на ЕК за соседска политика и проширување, а ќе се состане и со претставници од Европската народна парија (ЕПП).
Економија
Објавен jавниот повик за мерката 7 од ИПАРД-програмата во вкупен износ од 14 милиони евра
Заложбите за земјоделците продолжуваат со користење на средства од ЕУ фондовите, со што Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објави Јавен повик бр. 02/2024 за доставување на барања за финансиска поддршка за мерка 7 од ИПАРД Програмата 2021-2027.
Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик за мерка 7 “Диверзификација на фарми и развој на бизниси“ 14.000.000,00 евра односно 862.890.000,00 денари.
Финансиската поддршка за овој Јавен повик е составена од 75% средства обезбедени од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД) согласно ИПАРД Програмата 2021-2027 и 25% средства обезбедени од Буџетот на Македонија.
Финансиски средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка (грант) во износ од: 60% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за мерка Диверзификација на фарми и развој на бизниси.
Процентот се зголемува до 70% за инвестиции предложени од млади земјоделци и/или сертифицирани органски производители и за колективни инвестиции.
Процентот на кофинансирање може да се зголеми за дополнителни 10% за инвестиции поврзани со управување со отпад, обновлива енергија и инвестиции од типот на циркуларна економија.
Највисокото кумулативно/комбинирано ниво на поддршка не смее да надминува 75%.
Крајниот рок за поднесување на барањата е 20 декември 2024 година, информира Министерството за Земјоделство