Економија
(Видео) 2 април прогласен за Ден на буџетот
Со пригодна свеченост, денеска во Собранието беше одбележан денот на носењето на првиот буџет на независна Република Македонија, 2 април 1992 година. Истовремено, овој датум е прогласен за Ден на буџетот и по тој повод Министерството за финансии ја организираше Првата годишна конференција, на која се обратија премиерот, Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерот за финансии, Драган Тевдовски, директорот на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, и поранешни министри за финансии на Република Македонија.
Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакна дека одбележувањето на овој ден претставува силен државнички континуитет и оддавање признание за работењето на финансиските институции на државата, без разлика на политичките и објективните премрежја низ кои помина Република Македонија во изградбата на демократски институции.
Како што истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата и тој директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија.
„Буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата. Од него зависат, на пример: платите на наставниците кои во училиштата ги учат нашите деца; опремата што се користи во јавното здравството; поддршката за вработување што им се дава на невработените; социјалната помош; поддршката за бизнисите кога отвораат работни места и инвестираат; изградбата на канализации, системи за наводнување, училишта, болници, патишта и енергетски објекти. А секако дека од буџетот зависат и многу други работи, кои имаат директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија“, рече Тевдовски.

Тој се осврна на буџетот за 2018 година, за кој рече дека ги отсликува клучните приоритети на Владата, како: економскиот раст, подигнувањето на животниот стандард и социјална правда, како и интензивирање на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ. Затоа, како што истакна Тевдовски, во буџетот за годинава зголемена е поддршката за домашните претпријатија кои отвораат работни места и инвестираат, а предвидени се и повеќе средства за капитални инвестиции, за образование, здравство и одбрана.
Но, како што посочи Тевдовски, во Македонија буџетот ќе се планира и на подолг период. „Ние во Министерството за финансии почнавме да гледаме на подолг рок. За првпат од независноста, Министерството за финансии има Стратегија за реформи во системот за јавни финансии. Таа го опфаќа периодот 2018 – 2021 година и ги содржи сите значајни елементи на системот, почнувајќи од фискална транспарентност, преку воведување среднорочно буџетирање и измени во системот на јавните набавки, па сè до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината. Нејзина цел е среднорочно подобрување на системот на јавните финансии во насока на ЕУ стандардите“, рече Тевдовски.
Како што истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери, со носењето на првиот буџет на Република Македонија ` покажавме на домашната јавност, а пред сè на економските субјекти, но и на меѓународната јавност и меѓународните финансиски организации, дека како држава сме способни да испланираме и спроведеме буџет без кој не може да се замисли ниту една функција на државата.
„Во современиот демократски свет, а пред сè во рамките на Европската Унија, токму врз основа на донесувањето на буџетот и врз трошењето на буџетот се мери и вреднува демократскиот капацитет на одредена владејачка структура и воопшто степенот на демократија во една држава“, истакна Џафери.
Првиот bуџет на Република Македонија беше донесен на 2 април 1992 година. Министер за финансии кој го предложи првиот буџет беше Методија Тошевски во владата што ја предводеше Никола Кљусев, додека документот беше потпишан од тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов, и тогашниот претседател Киро Глигоров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонско возило привлече внимание на улиците на Будимпшета: GREEN MACHINES чисти снег кај будимската тврдина
Деновиве, возило на Green Machines на БРАКО – Велес, привлече внимание на улиците на Будимпешта, додека ја чистеше од снег Будимската тврдина, едно од најзначајните културно-историски обележја на унгарската престолнина.
Иако по димензии е значително помало во споредба со класичните камиони за чистење снег, Green Machines возилото се покажа како исклучително ефикасно токму таму каде што големата механизација има ограничен пристап – на пешачки зони, патеки и тешко достапни делови, особено во културно заштитените подрачја и објекти.
Додека тешките машини се користат за расчистување на главните сообраќајници, возилото произведено во БРАКО обезбедува прецизно и безбедно одржување на јавната хигиена и зимската проодност во чувствителни урбани средини, каде што се бара внимателен пристап и современа технологија.
Истото возило кое во текот на годината ја одржува чистотата на градските улици, паркови и плоштади, во зимски услови успешно се користи и за чистење снег, што уште еднаш ја потврдува универзалноста и мултифункционалноста на возилата на Green Machines на БРАКО.
Фактот што вакво македонско индустриско решение е ангажирано во една европска метропола како Будимпешта претставува силна потврда дека нашите возила не само што се извезуваат, туку и се избираат за работа во најсложени и најчувствителни услови – од секојдневна урбана хигиена до зимско одржување, во повеќе од 60 држави низ светот.
(ПР)
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)

