Економија
„Визер“ ги укинува летовите од Скопје до Барселона и од Охрид до Лондон

Нискобуџетскиот авиопревозник „Визер“ ја укинува продажбата на билети за двe од своите авионски линии надвор од Македонија една седмица откако Владата го поништи тендерот за доделување финансиска поддршка за авиопревозници, пишува порталот Ex YuAviation.
Продажбата на билети за Скопје-Барселона ќе биде прекината од 26 октомври, а од Охрид до Лондон од 24 октомври.
„Визер“ ќе ги прекине летовите меѓу Скопје и Ваксјо во јужна Шведска од средината на септември поради слабата побарувачка.
Претходниот тригодишен договор со државата за субвенционирање нови дестинации истече во јуни, па како резултат на тоа авиопревозникот повеќе не е обврзан со договор да ги одржува своите дестинации што ги лансира во текот на изминатите три години ниту, пак, добива субвенции за нив.
Минатата недела Министерството за транспорт и врски соопшти дека ја поништило постапката за доделување финансиска поддршка на авиопревозници по предлог на комисијата за спроведување на постапката. На јавното отворање била доставена само една понуда за која од Министерството потенцираа дека не била со комплетна документација. Министерството додаде дека врз основа на ова Комисијата констатирала дека не постојат услови за понатамошна евалуација на пристигнатото барање за финансиска поддршка.
Од Министерството за транспорт и врски најавија дека во најкус рок повторно ќе го објават јавниот повик за доделување финансиска поддршка на авиопревозници со цел да се овозможи развој на авиосообраќајот во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.
Економија
Во Народната банка се одржа 54. сесија на Клубот на истражувачите

Во Народната банка се одржа 54. сесија на Клубот на истражувачите на која беше претставен научниот труд „Макроекономски, институционални и финансиски детерминанти на дефицитот на тековната сметка во Северна Македонија: Согледувања преку временски серии“ од авторот Бардул Даути.
Сесијата ја отвори директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан, која посочи дека презентираниот труд нуди значајни сознанија за макроекономските и институционалните фактори коишто влијаат на дефицитот на тековната сметка во Република Северна Македонија. Таа нагласи дека надворешната позиција на македонската економија има особено значење, имајќи ја предвид стратегија на фиксен девизен курс, што ја спроведуваме. Во таа насока, одржливата тековна сметка претставува клучен елемент за зачувување на севкупната макроекономска стабилност.
Главниот заклучок на емпириската анализа е дека дефицитот на тековната сметка е резултат на макроекономски фактори – производниот јаз, како индикатор на домашната побарувачка, трговската отвореност и реалниот девизен курс. Дополнително, влијание имаат и фискални и финансиски фактори, како што се јавниот долг и паричната маса (М2), соодветно. Сепак, клучниот придонес на овој труд е вклучувањето на т.н. институционални фактори и оцената на нивното влијание врз билансот на тековната сметка. Студијата покажува дека силните институции – особено поефикасното управување, зголемениот квалитет на јавните услуги и заштитата на економските права, како што е правото на сопственост – можат значително да придонесат за подобрување на тековната сметка на платниот биланс. Овие заклучоци упатуваат дека, институционалните реформи се исто така важен сегмент за зајакнување на надворешната стабилност на економијата.
По презентацијата, следеше дискусија меѓу учесниците и презентерите, поттикната од презентацијата на трудот и од изнесените заклучоци. Следната сесија е планирана за септември годинава.
Економија
Ранливите потрошувачи и натаму незаштитени: итни мерки барат Инжинерите на Македонија

Додека Владата и Министерството за енергетика се фалат со новиот Закон за енергетика, илјадници граѓани остануваат без никаква реална заштита од енергетската сиромаштија, реагираат од Инжинери на Македонија.
Соопштија дека имаат поднесено претставка до Владата, Министерството за енергетика, Министерството за труд и Регулаторната комисија, со барање да се преземат итни мерки за ранливите потрошувачи пред да пристигне зимата.
„Иако новиот Закон за енергетика предвидува заштита за граѓаните кои живеат во сиромаштија, самохрани родители, пензионери со ниски примања и лица со инвалидитет, досега нема функционален регистар, нема методологија, ниту се врши исплата на ветените субвенции. На повикот за субвенции се пријавиле само 745 лица, од кои 454 биле прифатени“.
Оваа бројка, како што оценуваат, е далеку од реалните потреби, бидејќи според проценките, ранливите потрошувачи се најмалку 110.000.
„Претставката која ја поднесовме бара итно донесување на методологија до крајот на август, формирање на регистар до октомври, исплата на веќе одобрените субвенции и објава на реална проценка на ранливите граѓани“.