Економија
„Високите сметки за струја – предизвик и за УКИМ“ – средба на министерката Сања Божиновска и ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова. На средбата беа отворени повеќе теми од заеднички интерес, со фокус на енергетската ефикасност, соработката меѓу Министерството и Универзитетот и можностите за поддршка на младите кадри, извести Министерството.
Ректорката Ангелова ја истакна важноста на енергетската стабилност за редовното функционирање на универзитетот, наведувајќи дека високите сметки за електрична енергија претставуваат значителен финансиски товар. Таа посочи дека Универзитетот бара начини за оптимизација на трошоците за електрична енергија, како и долгорочно и одржливо решение.
Иако Македонија повеќе од година и половина успешно ја менаџира својата берза за електрична енергија, која функционира преку националниот Оператор за пазар на електрична енергија (МЕМО), повеќето државни и јавни институции, вклучувајќи ги училиштата, болниците и комуналните претпријатија, се соочуваат со сериозни предизвици. Овие институции се обврзани да купуваат електрична енергија на слободниот пазар, плаќајќи по цените што се формираат на берзата ХУПЕКС во Унгарија.
Иако се работи за некомерцијални субјекти, над 200 јавни установи моментално плаќаат просечна дневна берзанска цена за струја, што значително ги оптоварува нивните буџети.
Министерката Божиновска ја истакна подготвеноста на Министерството да ги разгледа можностите за олеснување на оваа ситуација, Министерката потенцираше дека решавањето на овој проблем е од суштинско значење за подобрување на енергетската одржливост на јавниот сектор и за ослободување на средства кои би можеле да се инвестираат во други развојни проекти.
Министерката и ректорката разговараа и за важноста од стимулирање на студентите и создавање услови кои ќе ги мотивираат младите и перспективни кадри. Министерката Божиновска истакна дека развојот и поддршката на младите се меѓу клучните приоритети на Министерството, при што е подготвена да иницира и поддржи заеднички проекти со Универзитетот кои ќе придонесат за развој на нови таленти и обезбедување стручни кадри во енергетскиот сектор, соопшти Министерството за енергетика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.