Економија
Вицегувернерката Митреска на тркалезна маса во организација на ЦЕФ
Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, учествуваше на тркалезната маса на тема „Обезбедување ефективна координација на централните банки и министерствата за финансии“, која се одржа во вторникот во Кишињев, Молдавија, во рамките на програмата на годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ).
Во дискусијата на тркалезната маса таа се осврна на процесот на постојано унапредување на институционалната структура и на корпоративно управување во централните банки како основен предуслов за успешно остварување на нивните цели.
Акцентот во своето излагање Митреска го стави на факторите што во последен период имаат ефекти врз институционалната поставеност на централните банки во регионот, но и на министерствата за финансии, како и на механизмите за меѓусебна соработка и координација меѓу двете институции.
„Првиот фактор е од генеричка природа и се однесува на промените што ги наметна појавата на глобалната криза од 2008 година, а вториот фактор е поспецифичен за регионот и се однесува на процесите на интегрирање на земјите во Европската Унија, кои бараат интензивна соработка и координација на институционално ниво“, истакна таа на почетокот на излагањето.
Потоа, вицегувернерката укажа на промените што ги предизвика глобалната криза преку проширување на функциите на централните банки, особено во доменот на макропрудентната политика. Таа нагласи дека овие промени влијаат врз институционалната рамка и управувањето и на централните банки и на министерствата за финансии, но и кај другите регулатори на финансискиот систем. Во тој контекст во своето излагање Митреска ја презентира тековната поставеност во нашата земја и се осврна и на насоките за идните промени што ќе се остварат со цел усогласување со најдобрите меѓународни практики.
По завршување на тркалезната маса, Управниот одбор на ЦЕФ, во кој членува и нашата централна банка, го одржа својот редовен годишен состанок, на кој беа разгледани и усвоени повеќе материјали од доменот на неговото работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.