Економија
Владата не беше „спротивставена страна“ во преговорите со синдикатите, вели Бесими
„Владата никогаш не беше „спротивставена страна“ во преговорите за плата со синдикатите, туку менаџер во процесот кон утврдување на оптимален исход. Активно водевме преговори со синдикатите, но ни беше значајно и да понудиме соодветно решение пред ММФ, за да и тие согледаат дека предлогот има фискална издржаност и дека нема да направи притисоци врз макроекономската стабилност“, пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата најнова колумна посветена на воспоставувањето систем на индексирање на платите во јавниот сектор.
Министерот истакнува дека за првпат од осамостојувањето, утврдено е системско решение за платите во јавниот сектор, кое е во интерес на вработените, чии плати континуирано ќе растат, но и во интерес на фискалната одржливост и зачувувањето на макроекономската стабилност.
Тој во колумната истакнува дека целта на Владата е платите да растат, како во јавниот така и во приватниот сектор и тоа да биде придружено со раст на продуктивноста и на бруто-домашниот производ. Наведува и дека во изминатите пет години, имајќи ги во предвид барањата и потребите во јавниот сектор, имаше повеќе покачувања на платите, како за целиот јавен сектор, така и за одделни дејности, како образование, детска грижа, здравство, судство, култура, АРМ, МВР, ДЗР, ИПА структури, државна управа итн..Растат платите и во приватниот сектор, што најдобро се огледа од податоците за просечна плата, која во изминатите 5 години е повисока за 50%.
Со решението кое Владата го усогласи заедно со синдикатите, со септемвриската плата годинава, сите вработени во јавниот сектор ќе добијат покачување од 10% на постојните плати, што следува по усогласувањето од 5% во март по основ на минималната плата. На сите вработени во јавниот сектор до крајот на годинава ќе им биде исплатен и регрес за 2023 година во износ од 10.000 денари, додека понатаму во општиот колективен договор регресот ќе се дефинира на минимум 30% од просечната нето плата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

