Економија
Владата почнува постапка за избор за универзален снабдувач со електрична енергија
Владата на денешната седница, донесе Одлука за почнување на постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија.
Од Владата велат дека изборот на универзален снабдувач е во согласност со Законот за енергетика, заради остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи поврзани на електроенергетскиот систем на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија.
„Универзалниот снабдувач ќе биде должен да врши снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи кои се наоѓаат на подрачјето на кое има обврска да обезбеди универзална услуга и кои избрале да бидат снабдувани од него, во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување. Универзалниот снабдувач, согласно законот, ќе биде должен да обезбеди универзална услуга за период не подолг од 5 години“, се вели во владиното соопштение.
Во следниот период, ќе се подготвува тендерската документација и јавниот повик со цел заштита на интересите на граѓаните и малите потрошувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангелова: Буџетот за 2026 обезбедува зголемени средства за социјална заштита, како и за раст и редовна исплата на пензиите
На денешната седница за Предлог-буџетот за 2026 година се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, која се осврна на делот кој се однесува на социјалната заштита и поддршката на граѓаните, истакнувајќи дека цврсто стои зад буџетската рамка, затоа што обезбедува зголемени средства за социјална заштита и поддршка на ранливите категории.
„Предлог Буџетот за 2026 година обезбедува зголемени средства за социјална заштита, и поддршка на ранливите категории – децата, лицата со попреченост, самохраните родители, старите лица и сите кои се соочуваат со сиромаштија и социјална исклученост. Со Буџетот се обезбедува редовна исплата на платите и пензиите, како и континуирана социјална заштита. Средствата за социјална заштита се проектирани на 206,3 милијарди денари, што е раст од 6,7 проценти. Платите изнесуваат 52,6 милијарди денари, или 7 проценти повеќе во однос на оваа година, во кое е опфатено зголемување на платите со порастот на минималната плата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангелова посочи дека ќе продолжи растот на пензиите и во наредниот период но и дека ќе се продолжи со мерки кои обезбедуваат одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на расходите и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг како и засилена фискална дисциплина и транспарентност.
„Во пензискиот систем се вклучени сите зголемувања реализирани во износ од 5.000 денари во септември 2024 и март 2025 година, како и последното зголемување од 1.000 денари. Растот на пензиите ќе продолжи и во наредниот период, со цел поддршка на стандардот на пензионерите. Со овој Предлог – буџет за 2026 година ќе има засилена фискална дисциплина, поголема ефикасност во капиталните инвестиции, централизирана контрола и транспарентност, јасна процедура за субвенции и трансфери, подобра контрола врз општините, транспарентност во повратот на приходи, редовно известување и отчетност, правна сигурност и предвидливост и поголема одговорност на институциите“, рече Ангелова.
Економија
Битиќи: Новиот буџет носи рекордно задолжување
На денешната комисиска расправа за финансирање на буџет, пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи обвини дека предложениот буџет на Владата носи рекордно задолжување и историски најголемо плаќање камати.
„Во 2026 година јавниот долг ќе се искачи над 62% од БДП, со планирано задолжување над 120 милијарди денари и „рекордни 21,27 милијарди за камати“, посочи Битиќи.
Тој нагласи дека парите наместо во развојни проекти се топат во дефицитот.
„Од проектираните даночни приходи од околу 200 милијарди денари, наместо да завршат во училници, операциони сали, лаборатории, патишта и железници, тие ќе исчезнат во јазот на дефицитот и во каматите“, рече Битиќи.
Тој укажа и на сериозно кратење на капитални проекти. Капиталните расходи се планирани на 40,2 милијарди денари, значително помалку од 47,3 милијарди во ребалансот за 2025.
Битиќи предупреди и на падот на странските директни инвестиции кои паѓаат од 570 милиони евра на 220 милиони евра.
„Средствата за општински инфраструктурни проекти се кратат од 6,3 милијарди на 2,6 милијарди денари, а во технолошко-индустриските зони има само 273 милиони денари. Исто така и евроинтегративните програми се кратат од 4,45 на 3,2 милијарди денари, што е јасен сигнал за оддалечување од ЕУ“ потенцираше Битиќи.
Тој оцени дека 2026 година е подготвена како популистичка или изборна година, со раст на тековните расходи и кратење на капиталните инвестиции.
„Пред нас имаме октроиран буџет на влада која абдицира од фискална дисциплина, транспарентност, инклузивен дијалог и развојна одговорност. Граѓаните заслужуваат да ја видат вистината. СДСМ ја повикува Владата да повлече ваков модел на волунтаризам и да изготви буџет кој ќе биде легитимен по постапката и развоен по суштината.“, посочи Битиќи.
Економија
Content Positive 2025: Дигиталниот простор нуди вредност само ако го користиме свесно
Oдговорното користење на дигиталниот простор е клучно за поттикнување здрави навики и позитивни онлајн-искуства – истакна Мукаетов на конференцијата за безбеден дигитален простор.
Генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, учествуваше на конференцијата „Content Positive 2025 – подобар онлајн“, настан посветен на унапредување на дигиталната безбедност, организиран од „А1 Македонија“, кој на едно место обедини истакнати експерти од онлајн-безбедноста, сајбер-заштитата, образованието, технологијата, јавниот живот и креаторите на содржини, со цел размена на знаење, искуства и добри практики. На панелот 3 од конференцијата насловен „Подобри онлајн-практики“ учество земаа и Кики Мукаетова – креаторка на содржина, Ана Попризова – психолог и гешталт-терапевт, д-р Димитар Јовевски – редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ и Елеонора Венинова – режисерка и сценаристка.

Во својство на родител на контент-креатор и раководител на компанија со повеќе од 3.000 вработени, чијашто работа се потпира на најсовремените технологии, Мукаетов направи паралела меѓу личното и професионалното искуство во однос на предностите и предизвиците на дигиталната ера: „Како човек роден во аналогна ера, во семејство со четири деца – еден миленијал, две припаднички на Gen Z и најмладиот член од генерацијата алфа – разликата меѓу времето во кое јас растев и она во кое растат новите генерации е драстична. Ако јас на нивна возраст наутро прво одев во трафика по најновиот број на тогашниот дневен весник ’Македонски спорт’, моите деца денот го започнуваат со мобилните телефони. Ако порано одредени производствено-аналитички техники бараа подлабинско внимателно следење од страна на повеќе искусни стручњаци, денес – поради високата автоматизација – поголемиот дел од работата е пренесена на технологијата, но улогата на човечкиот фактор останува клучна“, истакна Мукаетов.

Кога станува збор за напливот на информации, Мукаетов ја изрази својата загриженост од растечката склоност кон површност, посочувајќи: „Фармацевтската индустрија се потпира на прецизна наука, строги протоколи и длабинско разбирање на секој процес. Во овој сектор нема простор за брзи, површни заклучоци или, пак, импровизации. Секој чекор – од истражување и развој, преку контролата на квалитет, до производството и безбедноста на лековите – бара максимална точност и одговорност.“
Во ерата на брза размена на информации, социјалните мрежи, вештачката интелигенција и интернетот претставуваат клучни алатки за учење, информирање и креативен развој, но како можности истите носат и одредени ризици како прекумерна изложеност, зависност од екрани и дезинформации. На овие аспекти се осврна и Кики Мукаетова:

„Моето регистрирано време поминато пред екран во просек е околу 10 часа дневно, од кои значителен дел се поврзани со училишните обврски. Таквата статистика дури и мене ми изгледа премногу и се обидувам да креирам рутини кои реално функционираат, но треба да се има волја за тоа. Голем предизвик за нас тинејџерите е притисокот од социјалните мрежи, како и, најчесто, неоправданите критики. Според мене, клучниот збор е одговорност. Има однесувања и норми кои се прифатливи и до кои треба да се придржуваме. Ние тинејџерите не можеме да делуваме институционално, но лично би сакала да има некоја законска рамка за тоа што и колку е дозволено во тој онлајн-простор. Накратко, ни треба онлајн-простор каде младите ќе се чувствуваат прифатено, а не осудувано“, истакна Мукаетова.
Учесниците на панелот заклучија дека дигиталниот простор треба да остане место што поттикнува креативност, учење, поврзување и размена на идеи, но истовремено мора да биде ослободен од токсичност, дезинформации и притисок од нереални стандарди. Остварувањето на ваква здрава и конструктивна онлајн-средина бара усогласена и одговорна соработка меѓу сите чинители – поединците, образовните институции, дигиталните платформи, бизнис-секторот и надлежните институции.
(ПР)

