Економија
Влада: Корупцијата во општеството ја рашири претходната власт, ние забрзано ги спроведуваме препораките од ГРЕКО
Од Владата информираат дека целосно се посветени на спроведување на препораките од ГРЕКО (Групата на земји против корупцијата).
Оттаму додаваат дека тоа е видливо преку спроведување на три препораки што се однесуваат на Владата во период од само една година, за разлика од однесувањето на претходната власт, за која, како што велат, е причинител на коруптивните состојби и која за период од цели четири години (2013-2016) спровела само три препораки на ниво на сите институции во државата.
Во врска со последниот Извештај на ГРЕКО, усвоен годинава, од владината прес-служба информираат дека во него било констатирано оти од 1-те. првично дадени препораки, во целост имплементирани се шест препораки, делумно имплементирани осум, а пет препораки не биле имплементирани.
„Владата спроведува концепт на отвореност, отчетност и транспарентност, вложувајќи ги сите напори за целосно спроведување на препораките на меѓународните институции, а кои се однесуваат на корупцијата која во општеството ја распространи претходната власт. Наследната состојба во 2016, токму според извештајот на ГРЕКО, наведува дека од вкупно 19 дадени препораки, Република Македонија задоволително имплементирала само три препораки, 10 останале делумно имплементирани, а шест неимплементирани. Со овој извештај, ГРЕКО даде рок до 31 јануари 2018 година да се исполнат преостанатите препораки, а Владата тоа ќе го почитува и ќе го спроведе во целост“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека во делот на препораките кои се однесуваат на Владата, за една година биле имплементирани три нови препораки, пред сè со направените измени во Законот за Судскиот совет и Законот за судовите.
„Подготвен е Акциски план за реализација на преостанатите препораки на ГРЕКО од четвртиот круг на евалуација на Република Македонија коишто се однесуваат на сите наведени институции. Од преостанатите 13 препораки кои треба да се имплементираат, само две се за Министерството за правда“, додаваат од прес-службата на Владата.
Појаснуваат и дека еден дел од преостанатите препораки ќе се имплементираат со усвојувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата, чија подготовка е во тек, а текстот ќе биде доставен од работната група до Министерство за правда, до крајот на август 2018 година.
„Со новиот Закон за јавното обвинителство ќе се исполни уште една препорака што се однесува на дисциплинскиот режим на обвинителите. Текстот за Законот за обвинителство се подготвува од страна на експертска работна група и треба да биде готов до декември 2019. Останатите препораки треба да бидат реализирани од Собранието на РМ, како и од независните тела за борба против корупција“, се наведува во соопштението во кое уште се вели дека враќањето на правото и правната држава и неселективната борба против криминалот и корупцијата е императив за оваа Влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.