Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните едвај преживуваат, а економското трио брои милиони на своите сметки

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Македонија тоне на сите полиња, додека Владата на СДСМ донела милиони евра за фирмите на Заеви и криминалниот картел во власта.
„Нула проценти раст на БДП за 2018 година и очајни 0.1 проценти раст на БДП во првиот квартал од 2018 година. Ова се резултатите од неспособноста и неработењето на црното економско трио Заев, Тевдовски и Анѓушев. Додека цела Европа доживува економска ренесанса, Македонија полека, но сигурно се движи кон мрачните времиња на криминалната транзиција. Секојдневно сме сведоци на протести на земјоделци и вработени кои со месеци не земале плата како во мрачните 90-ти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачуваат дека додека граѓаните едвај го преживуваат месецот, црното економско триo ги брои милионите на своите сметки, од плантажите со марихуана, разни сомнителни тендери и трансакции, граѓаните се на работ на егзистенцијата.
„Нема просечна плата за граѓаните од 500 евра, нема плата од 100 илјади денари за докторите, а покрај покачената акциза се најавуваат повисоки даноци и давачки. Ниту еден капитулантски договор нема да го подобри животниот стандард на граѓаните. Ниту едно понижување на меѓународен план нема донесе живот во Македонија. Откажувањето од сè што е македонско, македонскиот идентитет, јазик, историја и македонското малцинство од соседството, нема да ги плати сметките на граѓаните на крајот од месецот“, се наведува во соопштението од партијата.
Граѓаните в недела во Струмица, како што порачуваат, имаат можност и ќе ѝ кажат доста на оваа ненародна власт.
„ВМРО-ДПМНЕ ги поканува сите граѓани на Република Македонија на протестен марш во Струмица в недела со почеток во 13 часот, во паркот во Струмица. Обединети и сплотени, ќе се собереме за Македонија и на Зоран Заев и на СДСМ ќе им кажеме дека Македонија ќе победи!“ се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
УЈП: Фискалните каси да имаат точни адресни податоци и редовно да се одржуваат во овластени сервисери

Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовински плаќања дека се должни за секое работно место каде што се врши прометот да воведат и користат фискален систем на опрема, задолжително да издаваат фискална сметка за секој извршен промет и редовно да ги одржуваат и сервисираат фискалните апарати во овластен сервисен центар.
„Адресните податоци внесени во фискалниот систем треба да бидат точни и да соодветствуваат со локацијата каде што се користи фискалната каса. Даночниот обврзник кој го користи фискалниот систем во одреден деловен објект не смее да го пренесува, користи или отуѓува фискалниот апарат во друг објект без претходна пријава во Управата за јавни приходи преку овластен сервисен центар“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници, корисници на фискална опрема дека секоја промена или одјава на фискалниот систем мора да биде одобрена од страна на Управата за јавни приходи.
Исто така даночните обврзници кои престануваат да го користат фискалниот систем, било поради прекин на дејност или набавка на нова опрема (нов фискален апарат), должни се стариот да го одјават преку овластен сервисен центар во Управата за јавни приходи.
УЈП апелира даночните обврзници да ги почитуваат одредбите од законот и да бидат даночно усогласени.
Економија
Објавена е табелата со цени на плинот во Европа, еве каде е Македонија

Домаќинствата во Европската Унија плаќале највисока цена на гас во втората половина од 2024 година откако Европскиот завод за статистика објавува податоци.
Просечната цена на гасот за домаќинствата во ЕУ беше за речиси 11,7 проценти повисока во втората половина од 2024 година отколку во претходните шест месеци, достигнувајќи го највисокото ниво од 2008 година, од 12,33 евра за 100 киловат-часови.
Во првата половина од минатата година, тоа беше за речиси два проценти пониско отколку во претходните шест месеци.
Домаќинствата на ниво на Унијата повторно потрошија повеќе за гас, за прв пат од крајот на 2022 година, главно поради зголемените даноци во многу земји по ублажувањето на енергетската криза, според статистичарите.
На годишна основа, цените за домаќинствата во ЕУ се зголемија за 9,6 проценти во втората половина од 2024 година, покажуваат табелите на Евростат.
Во еврозоната, гасот за домаќинствата во периодот од јули до декември бил во просек за 12,7 проценти поскап отколку во претходните шест месеци и чинел 13,18 евра за 100 киловат часови.
Најниска цена на гасот, изразена во евра, плаќале домаќинствата во Унгарија – 3,20 евра за 100 киловат часови.
Следи Хрватска – 4,56 евра за 100 киловат-часови, па Романија, каде што чинеше околу 5,4 евра за 100 киловат часови.
Највисоки цени на гасот, изразени во евра, плаќале домаќинствата во Шведска и Холандија, приближно 18,9 евра и 16,7 евра за 100 киловат часови.
Економија
Дурмиши ги предупреди трговците: Ако има енормно зголемување на цените, ќе има поригорозни мерки

Нови поригорозни мерки ќе бидат воведени доколку Државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на производите по укинувањето на мерките што важеа до крајот на април, рече денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Тој денес рече дека официјалните податоци за изминатиот период додека беа замрзнати маржите покажуваат намалување на инфлацијата.
„Официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата за април е практично нула. Во споредба со март има покачување од 0,6 %. Во споредба со април минатата година инфлацијата е 2,6 %, што значи дека не надминува 3 % и е во стабилна фаза. Цените на храната се речиси непроменети, само 0,3 % годишно зголемување и мора да потенцирам дека ако го споредиме април со декември 2024 година имаме дефлација од 1,35 %. Значи, имаме намалување на инфлацијата“, рече министерот Дурмиши.
Овој месец Државниот пазарен инспекторат ќе прави и редовни и вонредни контроли на цените и кај трговците, и кај дистрибутерите, и кај производителите и ќе подготви извештај врз основа на кој ќе се димензионираат нови, поригорозни мерки доколку се утврди дека покачените цени немаат економска оправданост.
„Може да ја прошириме листата со која ќе бидат опфатени производи за ограничување на маржата, односно ова што го имавме сега како мерка – може да ставиме повеќе производи, може да го покачиме процентот на маржата, да видиме кои се тие можности за поригорозна мерка. Ова го кажувам за да ги известам трговците, производителите и дистрибутерите да не се однесуваат девијантно, да не ги покачуваат цените без економска оправданост. Ако има покачување, ќе има поригорозни мерки. Се вршат контроли“, рече министерот Дурмиши.
На забелешките дека има хигиенски производи, кои се и за 60 денари поскапи по завршувањето на мерката, министерот Дурмиши рече дека првин треба Државниот пазарен инспекторат да го утврди тоа, да го извести секторот во Министерството за економија да направи анализа за тоа кои построги мерки да бидат донесени.