Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Измените на Законот за Енергетика кои ги предлагаме ќе спречат поскапување на струјата за најголем дел од домаќинствата, ќе работиме на поевтинување после јануари

„На заминувањето на власта на СДСМ и ДУИ, се случува повторно ново поскапување на електричната енергија, со што директно се удира по стопанството и по буџетот на домаќинствата“ вели ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ се грижи за стандардот на граѓаните и затоа поднесе Предлог закон за дополнување на законот за енергетика по скратена постапка, со кој ќе се спречи поскапувањето на цената на електричната енергија за најголем дел од домаќинствата сега на почетокот на јули.
Со оглед на тоа што универзалниот снабдувач од порано продолжува да ја врши истата услуга и во иднина, Регулаторна со измените треба само да му ја продолжи лиценцата, без да има дополнителни бирокартски процедури кои чинат пари и време и во исто време ќе се намали маржата од 11,5% на 9,9%. Овие промени но и оптимизацијата во работата на универзалниот снабдувач би ги заштитило граѓаните од поскапувања и со тоа дополнително загрозување на стандардот на граѓаните.
Овие мерки кои сега ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, пред формирањето на владата се во насока на заштита на интересите на граѓаните. По формирањето на владата ќе следи силна и посветена работа во областа на енергетиката, што би требало да резултира со намалување на цената на електричната енергија во следниот регулационен период од јануари 2025, како за домаќинството така и за стопанството“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2025 година

По повод денот на монетарната самостојност, Народната банка традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Добитничка на првата награда за 2025 година е Јасна Тоновска, асистентка и докторантка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за трудот со наслов „Волатилноста на меѓународните финансиски текови: импликации за македонската економија“.
Во трудот се посочува дека изразената променливост на меѓународните финансиски текови носи ризици за економските остварувања во земјата, особено на среден рок, при што се заклучува дека макропрудентните мерки претставуваат ефикасен инструмент за ублажување на негативните ефекти од оваа променливост, којашто станува особено изразена по 2020 година, како резултат на засилената светска неизвесност и сѐ поголемите геополитички тензии.
По повод доделувањето на наградата, во Народната банка се одржа средба со наградената истражувачка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Одборот за оценување трудови составен од вицегувернерката Ана Митреска (претседателка) и членовите Султанија Бојчева-Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика и Мите Митески, помошник на вицегувернерот, како и вицегувернерите Емилија Нацевска и Фадил Бајрами.
На средбата се разменија мислења за наградениот труд и за значењето на истражувачката работа при носењето политики засновани на докази. Акцентот беше ставен на важноста на поддршката што Народната банка им ја дава на младите истражувачи заради унапредување на истражувачката дејност во земјата. Имено, во изминатите деветнаесет години, токму преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност на младите во областа на макроекономијата и банкарството, со што се зголемува нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на политиките.
Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.
Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 33-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка. Постојаното јакнење на институционалните и истражувачките капацитети ѝ овозможи на Народната банка да се издигне како реномирана и кредибилна институција на меѓународно ниво, со голем придонес во обезбедувањето на макроекономската и финансиската стабилност во земјата.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија, сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија, додавајќи дека Вашингтон мора да покаже „искреност“ во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините, за кои вели дека не можат да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусираше својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следат наскоро“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следат наскоро“, рече тој, додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои „многу голема шанса“ неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откако кинескиот претседател Си Џинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за прилагодување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.
Економија
Значителен раст во енергетскиот сектор во март 2025 година

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот „Енергија“ во март 2025 година бележи значителен раст од 13.8% во однос на истиот месец претходната година.
„Особено позитивен е растот од 12.9% во групата „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“, што претставува силен показател за стабилноста и динамиката во енергетскиот сектор. Со усвојувањето на новиот Закон за енергетика, се очекува ваквиот позитивен тренд да продолжи и во наредниот период, преку интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на мрежата и развој на батериски системи за складирање на електрична енергија. Законот предвидува јасни механизми за поддршка на енергетски проекти, што ќе придонесе за одржлив раст и долгорочна енергетска сигурност“, велат од Министерството.
Од таму најавија дека во периодот што следува, приоритет ќе биде реализацијата на проекти кои значат поголема енергетска независност и стабилност на системот. Новата законска рамка ќе овозможи поинтензивна интеграција на обновливите извори, поефикасно управување со мрежата и поголема заштита на правата на потрошувачите.