Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Неспособното раководство на ЕЛЕМ ги чини граѓаните милиони
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини раководството на АД ЕЛЕМ за неспособност, која, како што велат, ги чини граѓаните милиони. АД ЕЛЕМ, според ВМРО-ДПМНЕ, произведува струја во РЕК „Осломеј“ за цена од 140 евра за мегават-час, а ја продава за 40 евра за мегават-час.
РЕК „Осломеј“ произведува речиси 2.400 мегават-часа на ден, тоа значи дека оваа количина струја ја произведува за цена од приближно 336.000 евра, а ја продава за 96.000 евра. Вкупната загуба на дневно ниво со работата на РЕК „Осломеј“ изнесува околу 240.000 евра.
Според која економска логика може загубата на речиси 240.000 евра дневно да биде во полза за државата? Десетдневното работење на РЕК „Осломеј“ ќе ја чини државата приближно 2 милиона и 400 илјади евра.
Во чии џебови завршуваат илјадници евра? Дали се работи за фирми блиски до картелот и која е логиката државата да влегува во загуба? Картелот за една година покажа дека не знае да раководи со енергетскиот сектор во државата. Една година СДСМ за енергетиката е една година загуба и милионски штети“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Раководството на АД ЕЛЕМ, како што додаваат од партијата, во период на зима со висок водостој на реките не го искористи хидролошкиот потенцијал, дозволи големо прелевање на хидроакумулациите, без да биде искористен вишокот вода за производство на струја. Загубите се милионски, предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ, кои на овој начин поради ненавремено производство ги претрпе Република Македонија.
„Картелот работи надвор од секоја економската и енергетска логика, наместо да се искористуваат хидроакумулациите, се троши јаглен. Наместо продажба на струјата на домашниот пазар, се продава струја на странскиот пазар, им се полнат џебовите на одредени структури, а во исто време се увезува струја, повторно создавајќи профит за приватни субјекти. Енергетскиот сектор е во огромен минус откако СДСМ е на власт. Енергетиката тоне, а енергетските капацитети се оставаат да се уништуваат и не се одржуваат. Овој криминален однос со енергетиката мора да запре. Република Македонија заслужува подобро. Граѓаните заслужуваат подобро“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

