Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Од денес во РЕК „Битола“ не се произведува електрична енергија
„Надвор од мрежа се трите блокови по тешка хаварија во котелскиот дел на БЛОК 3 која се случила вечерва, а веќе подолг период по тешките хавари надвор од мрежа се Блок 1 и Блок 2“, вели Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи.

„Денес, најголемиот производител на електрична енергија, стожерот на македонската енергетика е паднат на колена и наместо да произведува, троши скапа увозна струја со цел да не дојде поголема хаварија на постројките кои остануваат без внатрешно напојување! Во текот на ноќта испаднал БЛОК 3 по хаварија во котелскиот дел од електраната , кој подолго време бил експлоатиран со технички проблеми поради несоодветниот скап увозен јаглен. Дали повторно станува збор за огромна хаварија по која Блокот беше забетониран и надвор од мрежа повеќе месеци? Дали повторно ќе плаќаме милионски суми за санација на последиците се само дел од одговорите кои ги чекаме од менаџерскиот тим, кој вчера вечер се забавуваше во хотелот Молика пеејќи песни. Дали ваквото дилетанско, неодговорно, клептоманско и мафијашко управување со енергетските објекти е дел од планираното сценарио на СДСМ најавено како зелена енергетска стратегија и престанок на работа на РЕК Битола? Дали СДС успеа во својот план конечно да го запре производството во РЕК Битола со тоа што ги уништи 3 блока?!
Колку ќе ги чини граѓаните увозот на електрична енергија, колку чини секој испад, поради нестручноста при санацијата? Колку чини неработењето на аматерскиот менаџерски тим дојден во РЕК Битола ако знаеме дека во последните 20 дена имало повеќе од 5 вклучувања, а едно вклучување е околу 500 000 евра? Бидејќи повеќе од 50% од домашното производство на електрична енергија во земјава доаѓа од РЕК Битола, повеќе од јасно е дека по најновата хаварија ќе мора да се изврши интервентен увоз на електрична енергија, а цехот на крајот ќе го платат граѓаните.
Сериозноста на состојба е уште поголема ако знаеме дека надвор од функција се и другите производствени капацитети поради лошо ремонтирање и одржување, а хидро-потенцијалот речиси на минимум. Згора на сѐ, МЕПСО е под хакерски напад и не знаеме како ги управува постројките во електроенергетскиот систем. Раководствата на Електрани на Македонија, РЕК Битола и МЕПСО мора да понесат одговорност!
Во интерес на навремено информирање, бараме Владата во заминување веднаш да го разреши најнеспособното раководство на ЕСМ, да се поведе истрага и да се казнат виновниците со цел да не се дозволи прикривање на доказите!“, се наведува во објавата на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

