Економија
Вонреден состанок на Божиновска и Бислимовски: МЕПСО може да исклучува фотоволтаици за стабилен систем за 1 Мај

По насока на министерката за енергетика Сања Божиновска, за претстојниот празник 1 Мај повторно ќе се активираат мерките што беа применети од страна на операторот на електропреносниот систем МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за време на велигденските празници, со цел да се обезбеди стабилен и сигурен електроенергетски систем.
Одлуката е донесена на вонреден состанок на министерката Божиновска со претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, и заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауновски.
„Овие два дена во Атина, каде што се одржува Балканскиот енергетски самит, разговаравме со колегите од регионот и се координиравме околу мерките што сите земји мора да ги преземат за стабилен систем. Како веќе информиравме, со координација меѓу сите клучни енергетски чинители и по насока на ENTSO-E, МЕПСО веќе примени дел од тие мерки за велигденските празници и успеавме да го неутрализираме ризикот од блек-аут – граѓаните имаа непречено снабдување со електрична енергија. Проценките се дека ваквата состојба ќе продолжи и за престојните првомајски празници и затоа е неопходно овие мерки повторно да се активираат,“ изјави министерката Божиновска.
Оваа мерка, која за првпат беше применета за време на велигденските празници, подразбира привремено исклучување на фотоволтаични електрани со цел да се растерети електроенергетската мрежа и да се овозможи сигурно управување со системот во услови на зголемени флуктуации и оптоварување.
Мерките предвидуваат примена на корективни диспечерски интервенции, односно привремено и наизменично исклучување на дел од фотоволтаичните електрани поврзани на преносната и дистрибутивната мрежа, со што МЕПСО ќе има целосна можност да го раководи системот и да ја обезбеди неговата стабилност, велат од Министерството за енергетика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска – Копман: Пофалби за реформите во енергетиката, Македонија охрабрена за нови проекти

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со директорот на Генералниот директорат за Проширување и Источно соседство (DG ENEST) при Европската комисија, Герт Јан Копман, во Брисел.
На средбата, Божиновска го запозна директорот Копман со досегашната работа на Министерството, со посебен акцент на спроведените реформи, тековните инвестиции во обновливи извори на енергија и плановите за праведна енергетска транзиција.
„Македонија има јасна визија за модерно, конкурентно и климатски одржливо енергетско портфолио. Работиме паралелно на имплементација на новиот Закон за енергетика, привлекување на инвестиции и искористување на европските инструменти за финансирање“, истакна Божиновска.
Копман упати пофални зборови за постигнатото досега и ја поттикна Македонија да продолжи со реформите и да аплицира уште поамбициозно за достапните инструменти на Европската унија.
Во разговорот беа разгледани и идни можности за продлабочена соработка преку инвестиции во енергетска инфраструктура, поддршка за зелената агенда и зајакнување на институционалниот капацитет во енергетскиот сектор.
Средбата помина во конструктивна атмосфера и претставува потврда на стратешката определба на Македонија за европска интеграција преку конкретни резултати и реформски процеси во енергетиката.
Економија
„Алкалоид“ со јубилејна плакета од Црвениот крст

По повод 80-годишниот јубилеј на Црвен крст, во Македонскиот народен театар се одржа свечена академија под покровителство на претседателката на државата, н.е. Гордана Сиљановска-Давкова.
Под мотото „Осум децении ние гледаме луѓе“ беше одбележан јубилејот на Црвен крст, хуманитарна организација која осум децении им дава помош и поддршка на најзагрозените категории граѓани, промовирајќи хуманост и човечка солидарност.
Формиран на 17 март 1945 година, Црвен крст на Македонија годинава не го одбележа јубилејот на денот на своето основање поради трагедијата во Кочани, која наложи целосна мобилизација на организацијата заради обезбедување помош и поддршка на погоденото население. Токму во знак на благодарност за поддршката на настраданите во трагедијата дадена од „Алкалоид“, како и за придонесот на компанијата при хуманитарните апели на Црвен крст, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на компанијата, г. Живко Мукаетов, беше одликуван со јубилејна плакета.
Признанието на г. Мукаетов му го врачи д-р Лилјана Ристевска, потпретседателка на организацијата Црвен крст на РСМ. Изминативе години „Алкалоид“ има спроведено повеќе активности во соработка со Црвен крст на РСМ и со Црвен крст на град Скопје, како во делот на социјално-хуманитарната дејност така и на полето на крводарителството. Во рамките на компанијата повеќе од 50 години активно функционира Друштвото на крводарители, кое во 2024 година доби специјално признание за масовен одзив во рамките на крводарителските акции организирани од Црвен крст и од Институтот за трансфузиона медицина. Изминативе неколку години „Алкалоид“ континуирано спроведува акции за донирање облека и храна.
Компанијата во континуитет ги поддржува апелите на Црвен крст за поддршка на бездомниците, бегалците и мигрантите како едни од најгорливите категории на полето на хуманитарната помош. Во 2015 година, на организираниот хуманитарен пикник, колективот на „Алкалоид“ собра повеќе од 750.000 денари, донација наменета за Солидарниот фонд на Црвен крст.
Последната донација за истиот фонд, во износ од 15 милиони денари, компанијата ја намени за настраданите од трагедијата во Кочани и за нивните семејства. На јубилејната свеченост Црвен крст додели и четири златни медали, а беше официјализирана и донацијата во износ од 20.000 евра за Универзитетската клиника за трауматологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Како што посочија организаторите на настанот, 80-годишниот јубилеј на Црвен крст претставува момент на благодарност и на сеќавање и признание за сите волонтери, членови, вработени и партнери кои ги оставиле и сè уште ги оставаат своите траги на хуманост.
(ПР)
Економија
Сиљановска има предлог за нов гувернер

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова знае кој ќе биде нејзиниот предлог за нов гувернер на Народната банка, но не сакаше сè уште да го открие неговото име пред новинарите.
Таа ја спомена и важноста на одлуката кој ќе биде заменик-гувернер на НБРМ бидејќи неопходна ќе биде соработката меѓу нив.
„Она што со право создаде дебати меѓу вас, како и прашања, беше нешто што мислам дека би требало да се практикува за секоја функција. Да седнете со сите луѓе што се споменуваат и да разговарате, да ги прашате секој што мисли за другиот или што мисли тој дека може да направи. Јас би сакала да има повеќе кандидати, но тоа не е можно секогаш. Во оваа област е потребна соработка, важно е и кој ќе биде заменик-гувернер оти треба да соработуваат меѓу себе“, рече претседателката Сиљановска.
Нагласи и дека разговарала со кандидатите за оваа функција и низ призмата на експертско знаење нема проблем. Сме имале среќа во оваа држава, вели Сиљановска, и одлично сме се однесувале кон оваа функција. Ако се погледне наназад, ќе се види дека сме имале добри гувернери, истакна претседателката.
Сиљановска објави и дека консултирала и експерти од областа, луѓе што се врвни, па дури и кои биле на функцијата.
Седумгодишниот мандат на актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај. Меѓу кандидатите за оваа функција се поранешните министри за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славески, поранешната вицегувернерка Маја Кадиевска-Војновиќ, како и актуелната гувернерка Бежоска.