Економија
Во иднина ќе бидеме земја транзит за гас, рече министерот Бектеши во Варшава
Во иднина ќе бидеме земја транзит за гас за другите земји, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, на панел-дискусијата „Улогата на природниот гас во енергетската транзиција“ во рамки на бизнис-форумот кој се одржа денеска во Варшава.
Тој е дециден дека за Северна Македонија изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградба на дистрибутивните системи за природен гас е еден од приоритетите во делот на изградба на енергетска инфраструктура.
Бектеши потенцираше дека за обезбедување на прогнозираните количини природен гас за наредниот период во тек се активности за натамошна изградба на постојниот гасоводен систем во земјата, негово поврзување со регионалните гасоводни системи, особено со јужниот гасен коридор, како и почнување преговори за обезбедување на дополнителните колични природен гас.
„Во последните неколку години ги поставивме енергетските политики во Република Северна Македонија на стабилни основи. Тие гарантираат безбедно и стабилно снабдување со енергенси, но и диверзификација при снабдувањето, кои се базирани на чиста зелена енергија и кои ќе овозможат одржлив раст на економијата на нашата држава“, кажа министерот.
Како дел од активностите кои веќе се почнати министерот Бектеши кажа дека пред три месеци беше потпишан договор за изградба на интерконектор за природен гас со Грција којшто треба да почне да се гради до крајот на годината.
„Изградбата на овој интерконектор за течен гас ќе отвори многу можности за нашата земја, со кои ќе имаме шанса во иднина да се позиционираме како земја која ќе биде транзит за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа, а за нашата национална економија ќе обезбедиме диверзифициран извори на енергенси и ќе ја поттикнеме конкурентноста“, кажа министерот.
Бектеши информираше дека покрај и инвестициите во интерконекторот со Грција, веќе се започнати активности за гасно поврзување со Косово, Србија и Албанија, што ќе го отвори хоризонтот за подобрување на регионалната соработка и конкурентноста на заедничкиот регионален пазар.
Потсети и дека на почетокот на годината беше потпишан договор со Грција за соработка за изградба на гасниот терминал во Александрополи, каде Северна Македонија ќе поседува 10% од акциите на терминалот, како и учество во изградбата на гасната централа во близина на Александрополи, каде што уделот на Северна Македонија е 25% од вкупната вредност.
„Конкурентноста на Југоисточна Европа со инвестициите во интерконектори се подобрува, а истите се многу важни и за иднината, за преносот на водород како иден извор на енергија. Во сите сектори до 2030 година планираме да намалиме 51% од емисиите на стакленички гасови, во споредба со нивото од 1990 година“, кажа министерот Бектеши.
Иницијативата Партнерство за трансатлантска енергија и климатска соработка (P-TECC) е создадена како пат за зголемена соработка помеѓу САД и земјите од Централна и Источна Европа за енергетска безбедност и транзиција кон чиста економија.
На бизнис-форумот учествуваат претставници од земји, организации и бизниси од целиот регион, а главна тема оваа година се технолошките иновации, пречките во политиките и бизнис-можностите.
Главен фокус на овогодишниот Министерски состанок е поставување климатска акција и праведна транзиција кон иднина со низок јаглерод и распоредување иновативни технологии за чиста енергија што создаваат работни места на двете страни на Атлантикот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.