Економија
Во 2019 година се отворале по 14 нови е-продавници месечно

Македонските граѓани сѐ повеќе купуваат онлајн, но и отвораат онлајн продавници, а доказ за ова е порастот кој го бележиме по бројот на трансакции, порастот по вредноста на трансакции, но и порастот по бројот на уреди на виртуелни места на продажба.
Според податоците кои ги објави Народна Банка, во текот на првите девет месеци од 2019 година, реализирани се вкупно 4.611.964 онлајн трансакции, наспроти 3.783.185 онлајн трансакции во истиот анализиран период во 2018 година, што претставува раст за 828.779 онлајн трансакции односно, пораст од 21,9%.
Вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во текот на првите девет месеци од 2019 година, пак, изнесува 124,2 милиони евра, наспроти 99,1 милиони евра во истиот период во 2018 година. Ова значи дека вредноста на онлајн трансакциите се зголемила за 25,1 милиони евра, односно за 25,3%.
Дека е-трговијата е во вистински подем говори и фактот што не само растат трансакциите и нивната вредност, туку има зголемување и кај бројот на уреди на виртуелните места на продажба, односно бројот на новоотворени е-продавници. Во моментов се активни 968 веб-страници за е-трговија. Станува збор за активни и регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки во нашата земја кои нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги во моментов. На крајот на претходната 2018 година имало 871 активни виртуелните места на продажба, што значи дека за период од 9 месеци во 2019 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 127 новоотворени, или за 14 нови е-продавници месечно во просек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески – Прескер: потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Економија
Ќе се олеснува кредитирањето при купување прв стан, вели Славески

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.
Економија
Трипуновски од Прилеп: Заложбата е на нашите полици да се продаваат македонски преработки од земјоделски производи

Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, присуствуваше на манифестацијата организирана од Slow Food – Прилеп, која се реализираше со поддршка на Министерството.
„Интенцијата и заложбата на Министерството е преку финансирање на ваков вид настани да се промовираат домашните преработки на земјоделски производи, да се развие локалниот туризам и да се поддржат здруженијата кои постојат на ниво на државата”, истакна министерот Трипуновски.
Министерот објави дека финансиската поддршка кон сите здруженија е зголемена на 200.000 денари по корисник.
„Сточарите на овој настан можат да ги промовираат своите преработки. Кога зборуваме за сточарството, изминативе 15 месеци покажавме дека земјоделството е во фокусот на приоритетите и работењето на Владата”, додаде тој.
Министерот Трипуновски истакна дека оваа година поддршката за македонските сточари од Програмата за финансиска поддршка е зголемена за околу 50%.
„Сакаме на нашите полици да се продава македонско млеко и македонски преработки од земјоделски производи”, појасни министерот.