Контакт

Економија

Вредноста на итните јавни набавки надмина 3,2 милиони евра – доминираат пет фирми

Објавено пред

Вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра и досега се склучени 142 договора. Дури 71 отсто од вредноста на склучените договори отпаѓа само на пет фирми. Во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка продолжуваат значајните разлики во цените. Во овој период најголеми разлики се забележуваат кај скафандрите и ракавиците. Скафандрите се купувале за цена од 262 до 1.156 денари, а ракавиците од 2,83 до 9,32 денари за парче. За повеќе од половина од склучените договори (59 отсто), институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. Во секој втор склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач. Сѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици, се вели во најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации, кој се однесува на итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот, заедно со базите на податоци на сите склучени договори и на одлуките за избор на најповолна понуда.

dobivaj vesti na viber

Како што се наведува во анализата, вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра.

Преку директни преговарања, без претходно објавување оглас, склучени се 142 договора. Најголема вредност на склучените договори има МВР, кое склучило шест договори, во вкупна вредност од 1,9 милион евра, што е дури 59 отсто од вредноста на договорите на сите институции. Станува збор за договори за набавка на маски, ракавици, очила, комбинезони и средства за дезинфекција. Второ според вредноста на договорите е Министерството за здравство, со 14 договори, во вредност од 321.081 евро, за набавка на монтажни контејнери, реагенси, потрошен материјал, дезинфекциски средства и заштитна лична опрема.

Дополнително, на овие 142 договора, објавени се и уште 51 одлука за избор на најповолен понудувач, во вкупна вредност од 701.230 евра.

Пет институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот
(според објавените известувања за склучените договори)

Повеќе од две третини од вредноста на договорите отпаѓа на пет фирми. Тендери за итна набавка добиле вкупно 81 фирма, но 71 отсто од вредноста им припаѓа само на пет фирми.
Највредни договори за итни јавни набавки се склучени со прилепската фирма „Гифти текс“ за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и одбрана.

Втора на листата според вредноста е „Биотек“ од Скопје, која има склучено договор за набавка на маски, ракавици, очила и комбинезони за потребите на МВР. Според бројот на договори, предничат скопски „Алкалоид“ и битолски „Еурофарм“, кои имаат склучено 14, односно 12 договори.

Пет фирми со најголема вредност на договори поврзани со коронавирусот

Значајни разлики во цените и разногласие во набавките во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка. Најголеми разлики во анализираниот период постојат кај набавката на скафандри и ракавици. Цените на купените скафандри се движат од 262 до 1.156 денари, а на ракавиците за еднократна употреба, со или без талк, од 2,83 до 9,32 денари за парче.

Најеклатантен пример е што комунално претпријатие купило скафандри за еднократна употреба за цена од 1.156 денари, а клиника купила скафандри за повеќекратна употреба со можност да се вријат за цена од 1.052 денара. Притоа неспоредливи се ризиците од пренесување на вирусот и последиците од ова во двете институции.

Поради отсуство на каква и да е координација меѓу институциите, продолжува купувањето разни видови маски, од оние за еднократна употреба, преку хируршки, платнени, па сè до маските со највисока заштита. Најскапо платена маска е ФФП2, и тоа 448,4 денари за една, а најевтино – двослојна маска за еднократна употреба од 21 денар.

Државните институции и натаму не ги објавуваат навреме склучените итни договори за јавни набавки поврзани со коронавирусот. Институциите директно го прекршуваат Законот за јавните набавки, кој ги обврзува да ги објавуваат известувањата за склучените итни договори и самите договори во рок од десет дена од нивното склучување. Како што се претпостави во претходните два извештаја, биле склучени многу повеќе договори отколку што објавиле институциите. По неколкуте укажувања во претходните извештаи, се забележува почесто објавување на склучените договори.

За повеќе од половина од склучените договори (59 отсто), институциите ја прекршиле законската обврска да објават информации за склучените договори, за фирмите со кои ги склучиле, како и износот што го потрошиле.

Воедно, кај некои од институциите се забележува дека во договорите не ги наведуваат ниту договорените количини ниту договорените поединечни цени, со што практично го оневозможуваат увидот во суштинските делови од тендерот.

Секоја втора итна набавка била само со една понуда. Дури во 47 отсто од сите склучени договори за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач.

Анализата на склучените договори укажува на случаи во кои цената на набавените производи била пониска кога во преговорите биле вклучени повеќе од една понуда. За разлика од претходно, по неколкуте укажувања за преговарање со повеќе наместо со една фирма, зголемен е бројот на итни набавки со повеќе од еден понудувач.

Сѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици. За овие набавки беа донесени две посебни владини уредби за интервентни набавки – едната за маски, а другата за ракавици. Иако и за двете веќе одамна беа објавени огласи и поминаа и роковите за поднесување понуди, досега нема никаква информација за нивниот епилог за што е укажувано и во претходните два извештаја.

ПРЕПОРАКИ

Во анализата се препорачува договорните органи навремено да ги објавуваат на ЕСЈН известувањата и склучените договори за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот, и тоа најдоцна десет дена од денот на склучувањето.

За поголема транспарентност, договорните органи да ги објавуваат на ЕСЈН и одлуките за избор на најповолна понуда преку инструментот за т.н. доброволна транспарентност, и тоа истиот ден кога го информираат и понудувачот со најповолна понуда.

Договорите за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот да ги содржат поединечните цени на набавените производи и услуги, како и детален опис на предметот на набавка.

Во преговорите за итните набавки да се вклучуваат повеќе фирми за да се зголеми конкуренцијата и да се постигнат пониски цени и повисок квалитет на набавките. Да се настојува да се добие најдобрата вредност за потрошените пари. Детаљно да се образложуваат потребите за итните набавки во одлуката за јавната набавка, со објаснување на причините за набавка на потребниот производ или услуга, квалитетот и количините. Надлежните институции да изработат упатство за набавка на производи за заштита и спречување на ширењето вируси водејќи сметка за разните потреби на институциите.

Истовремено, со избувнувањето и раширувањето на кризата предизвикана од коронавирусот, се наметна и потребата од итни набавки на стоки, услуги и работи за заштита и превенција на ширењето на заразата од овој вирус. Поради ова, јавните набавки на овие средства, наместо по редовните, се спроведуваат по скратени и забрзани процедури имајќи ја предвид итноста во обезбедување на потребните средства за заштита и лекување. Брзањето и фокусот врз другите работи, како здравјето и животите на луѓето, ги зголемуваат и ризиците од случајни и намерни грешки и злоупотреби и на двете страни – и кај тие што набавуваат и кај тие што продаваат.

Поради ова, сè помногубројни се повиците од домашните и од меѓународните институции за зголемена транспарентност, отчетност и одговорност на властите при итните набавки поврзани со коронавирусот, како и за зголемен мониторинг и контрола од страна на државните органи и граѓанскиот сектор. Ова особено се однесува на земјите како нашата, која има и онака ограничени ресурси и е важно секој денар јавни пари да биде потрошен целосно наменски, целисходно и рационално. Оттука, Центарот за граѓански комуникации почна со мониторинг и на итните набавки поврзани со коронавирусот за навремено да детектира одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел заштита на јавните пари и рационално искористување на ограничените ресурси во земјата. Ова е трет извештај од планираната серија извештаи што се објавуваат периодично. За поцелосен увид на јавноста во набавките поврзани со Ковид-19, извештаите се проследени и со објавување преглед на договорите и на одлуките за избор во отворен формат на веб-платформата на Центарот за граѓански комуникации, www.opendata.mk.

ИТНИТЕ НАБАВКИ ПОВРЗАНИ СО КОРОНАВИРУСОТ И РИЗИЦИТЕ ОД КОРУПЦИЈА

Состојбата со новиот коронавирус и болеста Ковид-19 и прогласената вонредна состојба во земјата наметнуваат потреба од итни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од овој вирус. Овие набавки, во согласност со Законот за јавните набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им е потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки.

Вонредноста на состојбата, општиот недостиг на неопходните производи и брзината со која се спроведуваат набавките го зголемуваат ризикот од корупција при примената на оваа и онака нетранспарентна постапка за јавна набавка. И доставувачите, знаејќи дека институциите се во тесно и немаат голем избор, може да го искористат овој период за зголемување на цените над вообичаените и реалните.

За да се стесни просторот за можна злоупотреба на и онака скромните јавни ресурси, потребно е да се вложат максимални напори за зголемување на транспарентноста, отчетноста и рационалноста на овие набавки.

Имајќи ја предвид новонастанатата состојба со новиот коронавирус и Ковид-19 и прогласената вонредна состојба во земјата, се укажува потреба од серија непланирани јавни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од новиот коронавирус и Ковид-19.

Со оглед на сериозноста на ситуацијата и прогласената вонредна состојба во земјата, а во согласност со член 55 став (1) од Законот за јавните набавки („Службен весник на РМ“ 24/19), овие набавки се спроведуваат според постапката со преговарање без објавување оглас: „…доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат. Околностите со кои се оправдува крајната итност во никој случај не смеат да бидат такви за да му се припишат на договорниот орган“.

Исто така, иако за набавките што се спроведуваат со постапката со преговарање без објавување оглас треба да се добие претходно мислење од Бирото за јавни набавки, овие набавки може да се спроведуваат директно, без претходно обезбедено такво мислење од Бирото за јавни набавки, а во согласност со член 55 став (6), кој гласи: „По исклучок на ставот (5) од овој член, договорниот орган нема обврска да добие претходно мислење пред да спроведе постапка со преговарање без претходно објавување оглас врз основа на став (1) точка г од овој член доколку директно се загрозени безбедноста, животот и здравјето на луѓето“.

Имајќи го сето ова предвид, и Бирото за јавни набавки издаде известување до договорните органи на 17.3.2020 година, потврдувајќи ја погоре опишаната состојба: „Ги известуваме сите договорни органи, кои треба да извршат набавки во постапка со преговарање без објавување оглас од причини за крајна итност, дека набавките кои се директно поврзани со епидемијата од Ковид-19 може да ги реализираат без претходно да бараат мислење од Бирото за јавни набавки во согласност со со член 55 став (6) од Законот за јавните набавки, а со цел потребите да се задоволат во најкус можен рок, без какво било одлагање. Потребно е причините соодветно да се образложат во одлуката за јавна набавка. Другите барања за мислење во согласност со член 55 став 5 од Законот за јавните набавки треба да се доставуваат по пошта до архивата на Бирото“.

Поради сево ова, притоа имајќи предвид дека постапката со преговарање без оглас и онака е најмалку транспарентна постапка, а во тие рамки итните набавки со себе носат уште поголем ризик од корупција поради брзината со која се спроведуваат и фокусот на јавноста врз други прашања, уште повеќе се наметнува потребата од засилен мониторинг на спроведувањето на овие набавки. Ова важи уште повеќе поради и онака ограничените ресурси во земјава, како и потребата секој денар јавни пари да биде искористен на најрационален можен начин.

Освен тоа, три други прашања особено се наметнуваат во услови на итни набавки. Првото е дали цените по кои се набавуваат производите се разумни и според пазарните услови бидејќи во вакви услови постои зголемен ризик тие да бидат неразумно високи. Второ, дали се почитува рокот на испораката на набавените стоки, услуги и работи бидејќи навременоста на испораката е клучен фактор во услови на криза, а и причина за итната набавка. Трето, дали секој договорен орган детаљно ја образложил причината за набавката со сите елементи – вид, количина, квалитет и рок, како што тоа го бара законот, се наведува во анализата на Центарот за граѓански комуникации.

Економија

ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите

Објавено пред

ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.

dobivaj vesti na viber

Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.

„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.

Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.

Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.

Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

Прикажи повеќе...

Економија

ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици

Објавено пред

Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

dobivaj vesti na viber


*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите

ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година

Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.

Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.

Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.

Финансиски остварувања

Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.

Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.

Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.

Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.

Стратегија и перспектива

ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.

ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.

Корпоративна оштествена одговорност

Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.

Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.

ПР

Прикажи повеќе...

Економија

Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите

Објавено пред

Од

Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.

dobivaj vesti na viber

Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.

„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.

Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).

„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија10 часа

Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик

Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното...

Македонија12 часа

Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции

Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството...

Топ13 часа

Сиљановска-Давкова – Бегај: Нема поголема инвестиција во стабилноста на Западниот Балкан од членството во ЕУ

Во рамки на официјалната посета на албанскиот претседател, денеска беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот Бајрам...

Македонија14 часа

(Видео) 73,2% ученици пушачи не биле спречени да купат цигари поради возраста, ИЈЗ спроведе истражување на 7,8 и 9-одделенци  

Од 2002 година, откога се прават истражувања за пушење меѓу учениците, во 2024 година е забележан највисок процент на ученици...

Македонија16 часа

Откриен обид за криумчарење на 4.800 пакувања никотински ќесички вредни 1,2 милиони денари

Царинската управа откри и спречи обид за криумчарење на 4.800 пакувања со никотински ќесички со вредност од 1,2 милиони денари....

Топ16 часа

Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата

Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според...

Македонија17 часа

10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета...

Свет18 часа

(Фото) Епстин сакал да купи вила во земја без договор за екстрадиција со САД еден ден пред апсењето

Само еден ден пред апсењето во 2019 година, Џефри Епстин се обидел да купи вила вредна повеќе милиони долари во...

Економија18 часа

Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка

Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење...

Македонија18 часа

(Видео) Крмов: Премиере, ќе ја раскинете ли нелегалната концесија за Блатешница по 13 продолжени рокови

Пратеникот Борислав Крмов од Левица на седница на пратенички прашања ја повика Владата да ја раскине концесијата за изградба на...

Регион19 часа

Тешка пневмонија комплицирана од хроничните болести на Дачиќ: „Шеќерот му беше 20“

Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ (60) е во тешка состојба на Клиниката за пулмологија при Клиничкиот...

Свет19 часа

Пакистанскиот премиер: Нема да има компромис во одбраната на нашата сакана татковина

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави дека вооружените сили на земјата „се целосно способни да ја скршат секоја агресивна намера“. „Нема...

Свет20 часа

(Видео) Експлозии во Кабул, Пакистан: Во отворена војна сме со Авганистан

Пакистан го бомбардираше авганистанскиот главен град Кабул и две други провинции преку ноќ, неколку часа откако Авганистанците го започнаа својот...

Свет21 час

Гислен Максвел: Клинтон и Епстин се запознаа преку мене

Една фотографија го прикажува Бил Клинтон како плива ноќе со Гислен Максвел, британска личност од високото општество подоцна осудена за...

Европа21 час

Зеленски: Не сум најдобриот татко поради војната, мојот избор е должност

Украинскиот претседател Володимир Зеленски проговори за личните предизвици со кои се соочува по годините војна, признавајќи дека неговите должности го...

Македонија1 ден

Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели...

Македонија2 дена

Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити

Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот...

Македонија2 дена

Мицкоски: Јас бев најнапаѓан човек од Артан Груби, на Прочка се креваа дронови над куќата на мојата сестра

На денешната седница за пратенички прашања претседателот на Владата, Христијан Мицкоски беше прашан за актуелната тема во јавноста со апсењето...

Македонија2 дена

Цвеќе во помен на Борис Трајковски – 22 години од авионската несреќа

Делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, членови на политички партии, семејството денес оддадоа почит во помен на трагично загубените животи...

Македонија2 дена

Мицкоски до Филипче: Со тоа што ги напаѓате пензионерите, само потврдувате дека сте мекото ткиво на политичката сцена

Мене ми е жал што не ја научивте лекцијата, и удирате повторно по група на луѓе кои што за време...