Економија
В недела почнува „МојДДВ #МојаНаграда“, наградниот фонд е половина милион евра
За два дена почнува наградната игра „МојДДВ #МојаНаграда“, во која граѓаните имаат можност секојдневно да добијат една од 3.852 награди во вкупен износ од половина милион евра. Од 15 декември со скенирање на фискалните сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ и со прифаќање на условите на наградната игра секој полнолетен граѓанин е потенцијален добитник на дневна, месечна награда или премија. На прес-конференција министерката за финансии, Нина Ангеловска, и директорката за комуникации и маркетинг на Државната лотарија, Камелија Левенска, ги претставија текот и начинот на кој ќе се спроведува наградната игра.
Наградната игра ќе трае една година. Предвидени се 1.468 награди од 1.000 денари, 1.101 награда од 2.000 денари, 1.101 награда од 3.000 денари – односно секој ден ќе се доделуваат по 10 награди, и тоа четири од 1.000 денари, три од 2.000 денари и три од 3.000 денари. Понатаму, секој месец ќе се доделуваат 15 награди од 100.000 денари или вкупно за целото времетраење на играта 180 награди од 100.000 денари. Има и две главни премии од 3.000.000 денари.
„Од 15 декември граѓаните што скенираат фискални сметки ќе имаат трикратна корист, прво, ќе имаат шанса да добијат една од 3.852 парични награди во вкупен фонд од половина милион евра, второ, ќе добиваат поврат на ДДВ и, трето, ќе придонесуваат во борбата против сивата економија, а кога губи сивата економија, сите добиваме. Ќе им порачам на сите граѓани да бараат фискални сметки, да скенираат, бидејќи секоја фискална сметка е важна“, рече Ангеловска.
Таа посочи дека за да се учествува на наградната игра, лицето треба да е регистрирано на системот „Е-персонален данок“, како и да е корисник на апликацијата „Мој ДДВ“. На апликацијата ќе се појави известување за наградната игра „МојДДВ #МојаНаграда“ за прифаќање на условите за учество. Кога ќе се прифатат условите, со секоја скенирана сметка лицето може да стане потенцијален добитник на една од десетте дневни награди, месечните или една од премииите.
Извлекувањето ќе се извршува со електронски генератор по случаен избор. Добитниците на дневни награди ќе добијат известување веднаш по скенирање на сметката. Сите недобитни, пак, ќе добијат поучна порака со едукативно-информативна содржина. Исто така, недобитните скенирани сметки добиваат сериски број кој ќе учествува за извлекување во тековното коло за 15 награди од 100.000 денари, како и за двете главни премии.
Левенска рече дека извлекувањето на наградите од 100.000 денари и премиите од три милиони денари ќе бидат во живо од студиото каде што се одвива извлекувањето на „Лото“, и тоа веднаш по извлекувањето на „Лото 7“ и „Џокер“. Месечните извлекувања на 15 награди од 100.000 денари ќе се реализираат на почетокот на секој месец по емисиите „Лото“, почнувајќи од првото извлекување на 4 јануари.
Таа посочи дека за граѓаните ќе биде достапен и контакт-центарот на Државната лотарија, како и дека е отворена страницата loto.mk/MojaNagrada, каде што граѓаните ќе може да се информираат за наградната игра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

