Економија
Геодетската комора: Директорот на Агенцијата за недвижности да го исполни ветувањето за одржување состанок
За унапредување на геодетската дејност и статусот на геодетските друштва, неопходно е да се воспостави соработка со Агенцијата за катастар на недвижностите (АКН) и заеднички да креираме решенија за многу отворени прашања од областа на геодезијата, кои ги доведуваат на работ на опстанок деловните субјекти од овој сектор, истакнува Комората на геодетските друштва за вршење геодетски работи потенцирајќи дека последното барање за средба е испратено на 28 декември и сè уште не е добиен одговор.
„Директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите, Борис Тунџев, во континуитет ја игнорира Комората, иако за многу горливи прашања потребно е веднаш да се изнајдат решенија, а минатиот месец јавно пред медиумите даде ветување дека средбата ќе се одржи кога ние ќе доставиме барање. Барањето се достави на 28.12.2022 година, но повторно молк. Дијалогот е неопходен бидејќи отворените прашања поврзани со зголемување на цената на услугите на Агенцијата за катастар, застарениот тарифник на геодетските друштва и нетранспарентниот начин на кој се носат нови законски решенија за геодетската дејност се само дел од темите за кои треба отворено и стручно да се дискутира врз база на факти и податоци за да се најдат одржливи и конструктивни решенија, кои ќе бидат поволни за сите засегнати страни“, истакнува претседателот на Комората на геодетските друштва, Никола Рибароски, кој бара во процесот да се вклучи и Владата, која го назначува директорот на АКН.
Тој го поздравува тоа што по три години застој, во изминатите недели е продолжен процесот за донесување нов тарифник за висината на надоместокот за извршени геодетски работи од страна на геодетските друштва за геодетски работи, со тоа што Агенцијата за катастар номинира свои претставници во работна група, која го подготвува новиот предлог-тарифник, но потребно е овој процес да добие динамика и да се дефинира рок за завршување на активноста.
Се додава дека во процес на дијалог неопходно е изнаоѓање брзо решение за надминување на законскиот проблем за составот на Управниот одбор на Комората откога Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе решение според кое утврдува ризик од корупција со тоа што тројца од членовите на Управниот одбор на Комората во согласност со Законот за катастар на недвижностите доаѓаат од редот на вработените во Агенцијата. ДКСК, по извршена анализа, констатира дека Комората на геодетските друштва е формирана за застапување и усогласување на заедничките интереси на нејзините членови, геодетски друштва и трговците поединци, овластени геодети, поради што и со Kомората управуваат нејзините членови преку свои претставници, од што јасно и недвосмислено произлегува дека во нејзините органи, меѓу кои и Управниот одбор, треба да бидат членови на Комората, а не претставници на Агенцијата за катастар на недвижностите.
„Тоа што ДКСК го констатира во решението како проблем, всушност, веќе е присутен во работата на Управниот одбор на Комората бидејќи претставниците на Агенцијата наместо да ги застапуваат интересите на членовите на Комората, тие ги застапуваат интересите на Агенцијата, со што директно се загрозуваат независноста и самостојноста на Комората предвидена со Законот за катастар на недвижностите. По донесување на решението, овие членови веќе не присуствуваат на седниците на Управниот одбор, со што тој не може да работи во полн состав. Во дијалог со Агенцијата за катастар на недвижностите и Министерството за правда што побргу треба да се најде правно решение за постапување по решението на ДКСК и изнаоѓање решение со кое сите органи на Комората ќе може да работат со целосен капацитет“, истакнува Рибароски.
Комората на геодетските друштва како и до сега продолжува да биде конструктивен партнер на институциите, а исто така прави напори да обезбеди и целосна експертска поддршка за креирање нови законски решенија од Советот на геодетите на Европа преку давање мислење за нив и пренесување на најдобрите законски пракси од други европски земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

