Економија
Годишен раст на зелените кредити од 8,5 отсто заклучно со 2024 година
Податоците за зелените кредити доставени од банките покажуваат раст во четвртиот квартал од 2024 година. На крајот на декември 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 2,3 милијарди денари, или 8,5%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 4 пати. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.
Според податоците на Народната банка, на крајот од четвртото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 29.177 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Зелените кредити одобрени на компаниите, коишто на крајот на 2024 година изнесуваат 28.032 милиона денари, преовладуваат во вкупното зелено кредитно портфолио на банките.
Уделот на зелените во вкупните кредити на крајот на 2024 година изнесува 6%, што е речиси тројно зголемување во однос на крајот на 2019 година, кога изнесувале 2,2%.
Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки.
За таа цел, Народната банка на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва, коишто можете да ги најдете на следнава врска: https://www.nbrm.mk/podatotsi_i_pokazatieli_za_bankarskiot_sistiem_na_riepublika_makiedonija.nspx
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

