Економија
Горан Ѓорѓиевски нов претседател на Агро-бизнис комора

Горан Ѓорѓиевски е нов претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија, кој беше избран на седница на Собрание. Ѓорѓиевски, кој по професија е машински инженер, е сопственик на познатион бренд „Специјал“, кој на пазарот има 24-годишна традиција и ангажира повеќе од 200 вработени.
Ѓорѓиевски истакна дека меѓу приоритетите на кои ќе работи и за кои ќе се залага е да се обезбеди сигурност на пласман на земјоделски производи по реални цени, да се направи окрупнување на земјишни парцели, зголемување на приносите, партнерска соработка и зголемување на конкурентноста на земјоделските производи.
„ Земјоделството е една од најважните стопански гранки во нашата држава која има голем потенцијал да придонесе за раст и развој на целокупната економија во постпандемискиот период. За да се постигне тоа неопходно е да се променат унапредат условите во кои се работи сега преку иновации, дигитализација, следење на современите трендови. За земјоделците е потребно да се обезбеди и помош и стручни совети за купување земјоделска механизација и друга техничка опрема. За да се постигне максимален процент на искористеност потребна е поедноставување на постапките за ИПАРД-апликациите. Неопходно е и даночни олеснувања за нафта, семенски материјал и за земјоделска механизација, како и субвенции по килограм произведен производ“, истакна Ѓорѓиевски.
На досегашниот претседател Огнен Оровчанец му беше врачена благодарница за исклучителниот ангажман во Комората и личниот придонесот кој го дал со цел креирање на подобро деловно окружување за развој на агро-бизнис секторот.
На седницата беа избрани и нови членови на органите на управување на Агро-бизнис комората, а за потпретседатели на Комората избрани се г. Ласко Јованов од компанијата „Слога интернационал“, г. Илија Јанчев, винарница „Венец“ и г. Марко Кутревски од компанијата „Пекабеско“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Економија
Поставен камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра

Поставен е камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Компанијата ‘Чагатај кабло’ почнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно, како што рече и претседателот на управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места, кои ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај кабло’“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со ова ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде – во нашата татковина.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, додаде Мицкоски, туку е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплати. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“, рече Мицкоски.
Економија
Инвестиција од 1 милијарда евра на „Казанџи груп“ за изградба на гасни централи, трајно решение за аерозагадувањето, најави ВМРО-ДПМНЕ

Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е создавање услови за нов циклус на економски раст. Се поттикнува економската слобода на инвеститорите преку креирање на фер услови за сите стопански субјекти. Се враќа довербата на странските инвеститори за своите инвестиции да ги пласираат во државата, да отворат нови или да ги прошират своите капацитети. За разлика од минатото кога имаше недостаток на доверба кај инвеститорите во владата на СДС и ДУИ сега домашните и странските инвеститори имаат партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, велат од владејачката партија.
Од таму наведуваат дека се официјализираше меморандум за соработка со компанијата „Казанџи груп“ којашто е светски гигант во енергетиката. „Казанџи Холдинг“, е водечка турска компанија со преку 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3,500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.
„Во Македонија „Казанџи груп“ ќе инвестира 1 милијарда евра за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Освен енергетската стабилност, со градењето на когенеративни гасни централи, трајно се решава загадениот воздух. Со оваа и останатите инвестиции во енергетиката државата ќе стане енергетски независна. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има јасна стратегија и план за енергетскиот сектор во служба на граѓаните. За енергетска ефикасност, енергетска стабилност и независност на државата. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.