Економија
Грантови од 250 илјади евра за 50 земјоделци од Струмичкиот и од Радовишкиот Регион
Нови 250.000 евра во грантови ќе бидат доделени на 50 земјоделци од Струмичкиот и Радовишкиот Регион како поддршка во воведувањето модерни агроеколошки мерки во производството на овошје и зеленчук. Овој циклус на грантови, трет по ред во регионот, го најавија регионалната директорка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за Европа и Централна Азија, Мирјана Егер, и Швајцарската амбасадорка во земјата Сибил Сутер Техада.
„Овде, во сливот на реката Струмица, ги поставивме основите за една долгорочна трансформација на начинот на кој се користат водните ресурси, а модерните мерки во земјоделското производство кои се користат во Европската Унија и во Швајцарија ги претвораме во реалност “, изјави швајцарската амбасадорка Сутер Техада.
Застарените методи на производство се покажаа како неодржливи како од аспект на квалитетот на производите и приносот, така од аспект на одржувањето природната рамнотежа на екосистемите.
„Охрабрени од резултатите што се постигнаа во пилот-фармите во рамките на претходните циклуси на грант-програмата, бројот на производителите кои ги усвојуваат новите методи постојано расте. Прекумерната употреба на агрохемикалии и нерационалното трошење вода за наводнување доведоа до нарушување на природниот баланс на речниот слив. Но, на повидок се решенија кои ќе помогнат да се надминат овие предизвици“, рече Мирјана Егер, регионална директорка на УНДП.
Сливот на реката Струмица е еден од најважните земјоделски региони во земјата. Поради клучната важност на земјоделието, справувањето со проблемите поврзани со животната средина претставува главен приоритет, особено имајќи го предвид сè поизразеното влијание на климатските промени. За таа цел, обучени се голем број земјоделци, а во обуките и грантовите од страна на Швајцарската влада досега се инвестирани над половина милион швајцарски франци. Оваа поддршка се очекува да продолжи и во иднина.
Воведувањето на агроеколошките мерки, преку зголемување на ефикасноста на наводнувањето, исхраната и заштитата на земјоделските култури, има за цел и да ја подобри конкурентноста на земјоделските производи преку намалување на трошоците на производство.
Проектот за управување со сливот на река Струмица го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), благодарение на финансиската поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка со вкупна вредност од околу три милиони швајцарски франци. Целта е подобрување на квалитетот на животната средина и управувањето со водите преку намалување на притисоците од различно потекло и ублажување на ризикот од поплавите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf
Економија
Божиновска–Мелинвуд: Започнува најобемната енергетска обнова на јавните згради досега
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Мелани Мелинвуд, претставник на Француската агенција за развој (AFD), а во врска со реализацијата на Планот за реконструкција на јавните згради – еден од клучните столбови на Реформската агенда на државата.
Фокусот на средбата беше ставен на имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите на јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – стратешки документ што поставува јасна, тригодишна рамка за најмасовната и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти во земјата досега.
Станува збор за План што веќе е усвоен од Владата по сеопфатен процес на усогласување со вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата институционална тежина и стратешко значење за модернизација на јавниот сектор.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како носител на оваа стратешка реформа, интензивно работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските што произлегуваат од Реформската агенда, како и од постојните законски обврски. Согласно законската рамка, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен и нераздвоен дел од секоја реконструкција, истакнуваат од таму.
На средбата беше истакнато дека во моментов е во подготовка таканаречената scoping студија (студија за определување на опфат), со која детално ќе се утврдат параметрите за рехабилитација и обнова на зградите, како и јасни критериуми за приоритизација на објектите што први ќе влезат во процесот на реконструкција.
Со ова, е нагласено во соопштението, државата прави крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и значително намалување на емисиите на штетни гасови, во согласност со европските климатски политики.
„Оваа реформа претставува конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација – со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет“.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун во вредност од 170 милиони евра
Денес, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претседателот на Сојузот, посетивме неколку откупни пунктови со цел да се направи увид во завршната фаза од откупот на тутунот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Според последните податоци, досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун од последната реколта, просечната цена е 419,15 денари за килограм“, посочи тој.
Министерот Трипуновски додаде дека вкупната вредност на откупениот тутун изнесува околу 170 милиони евра, од кои 95,6% веќе се исплатени на тутунопроизводителите кои го имаат предадено својот род.
„Останува уште мала количина тутун која согласно предвидената динамика, ќе биде откупена во наредниот период. Секоја откупна компанија ќе има отворен пункт до крајниот рок за откуп, кој трае до крајот на месец февруари“, појасни министерот.

