Економија
Граѓаните и фирмите ќе можат онлајн да ги следат предметите за приватизација
Граѓаните и фирмите од денеска на порталот privatizacija.finance.gov.mk ќе можат да се информираат до каде е нивниот предмет за приватизација во Управата за имотно-правни работи (УИПР).
„Нема веќе предмети во фиока. Направивме системско решение, платформа privatizacija.finance.gov.mk преку која граѓаните и фирмите ќе можат од својот дом или канцеларии, преку компјутер да ja следат постапката за приватизација во Управата за имотно-правни работи. Ова значи дека граѓаните и фирмите ќе имаат постојано увид во која фаза е нивниот предмет – од прием на барањето за приватизација, преку обработка на предметот и решавање на истиот – до архивирање“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Тој посочи дека придобивките од ваквиот пристап се дека граѓаните и фирмите добиваат нова и подобра услуга од управата, ќе се подобри ефикасноста на управата и ќе се изврши дигитализација на процесите.
„Постапката за користење е многу едноставна. Сè што ви треба од податоци се архивскиот број на предметот, кога е поднесен, катастарската парцела и општина каде е поднесен. Доколку не ја знаете катастарската парцела или општината, доволно е само да го внесете својот матичен број или даночен број во случај на правно лице. Софтверот потоа на вашата е-пошта доставува податоци до каде е вашиот предмет“, рече Тевдовски и посочи дека засега на платформата се внесени предметите од 2018 и 2019 година, додека во рок од една година ќе се внесат и сите предмети.
Директорката на УИПР, Шасине Касами, рече дека платформата privatizacija.finance.gov.mk е само еден од чекорите кои управата ги презема за ефикасна, модерна и ориентирана кон граѓаните и фирмите Управа за имотно-правни работи.
„Порталот за проверка на статус на предмети за приватизација е направен во рамки МИС-системот, изработен во 2013 година со поддршка на проект од Светска банка. Иако и тогаш постоела опција да се направи ваква платформа, таа можност не била искористена. Ние ја искористивме оваа можност за да им понудиме подобра услуга на граѓаните. Наша цел е да бидеме ефикасна управа, која ќе им служи на граѓаните и фирмите и ќе понуди квалитетна услуга“, рече Касами.
Таа посочи дека се работи на решавање на поднесените предмети за приватизација и дека од 310.000 поднесени, останати се околу 90.000 предмети за решавање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

