Економија
Групацијата Триглав ја потврдува прогнозата за планираната годишна добивка
Во првите девет месеци од оваа година Групацијата Триглав реализира 69,9 милиони евра добивка пред даночењето, што е 8 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Имајќи ги превид предвидените можности до крајот на годината, ја потврдува прогнозата за планираниот годишен резултат. Во однос на истиот период од минатата година, во дејноста осигурување остварен е раст на премија на сите пазари и во сите сегменти на осигурување (неживотни, животни и здравствени осигурувања), а зголемен е и опсегот на средства на клиентите со кои се управува. Во 2018 година Групацијата продолжува со спроведување на својата стратегија на раст и развој, со што се поврзани и активностите што Групацијата ги презеде оваа година. Надзорниот одбор на друштвото, на Андреј Слапар, претседател на Управата, му довери петогодишен мандат и ги потврди мандатите на членовите на управата, Урош Иванц и Тадеј Чороли. „Триглав осигурување – Скопје“, членка на Групацијата Триглав, третиот квартал оваа година го заврши со 11 отсто повисока бруто-полисирана премија (18,5 милиони евра) во споредба со истиот период минатата година.
Профитабилно работење. Деветмесечната добивка пред даночење на Групацијата Триглав изнесува 69,9 милиони евра, што е 8 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година. На тој резултат првенствено влијаеше доброто работење во дејноста осигурување, а приносите од инестиции, во согласност со очекувањата, беа пониски во споредба со истиот период минатата година.
Раст на премија на сите пазари и во сите сегменти. Групацијата фактурира 820,2 милиони евра консолидирана бруто-премија, што е 6 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година. Пораст на премија е реализиран на сите пазари на Групацијата. Во Словенија во просек порастот изнесуваше 5 отсто, а на другите пазари 8 отсто. Уделот на премија, фактурирана на пазарите надвор од Словенија, и понатаму јакне за 0,5 процентни поени и изнесува 18,3 отсто. Гледано од аспект на одделни сегменти на осигурување, премиите во неживотни осигурувања се зголемија 6 отсто, премиите од осигурувањата на живот 1 отсто, а кај здравствените осигурувања растот на премија изнесуваше 10 отсто.
Поволен комбиниран коефициент. Во споредба со истиот период минатата година, нето-износите за штети оваа година се зголемени (индекс 101), но нивниот раст видливо заостанува во однос на порастот на нето-приходи од премија (индекс 106). Тоа влијаеше на подобрување на комбинираниот коефициент на Групацијата, кој по третото тримесечје, изнесува поволни 92,4 отсто (94,5 отсто минатата година).
Понизок принос од финансиски инвестиции. На крајот на септември 2018 година Групацијата управуваше со 3,1 милијарди евра финансиски вложувања, кои во согласност со инвестициската политика се соодветно дисперзирани и главно се насочени кон валутна изложеност во евра. Приносите од нив (без приносите од вложувањата на осигуреници на животни осигурувања, кои преземаат инвестициски ризик) се намалија 19 отсто во споредба со истиот период минатата година, што поради минатогодишните еднократни случувања и ниските каматни стапки е очекувано.
Активности на преземање во рамките на стратегијата за раст и развој. Групацијата Триглав се развива и расте органски, но во соодветни околности не ја исклучува активноста на преземање. Оваа година ги потпиша договорите за купување на друштвото Raiffeisen Mirovinsko osiguravajuće društvo на хрватскиот пазар на пензиски осигурувања, купување на словенечкото друштво за управување ALTA Skladi и за купување на преостанатиот удел од 28,1 отсто на друштвото Skupna pokojninska družba, кое дејствува на словенечкиот пазар на доброволни дополнителни пензиски осигурувања.
Претседателот на управата на „Заваровалница Триглав“, Андреј Слапар, изјави: „Со работењето во деветте месеци оваа година сме задоволни, а имајќи ги превид предвидените можности до крајот на годината, ја потврдуваме својата прогноза на планираниот годишен резултат. Групацијата Триглав е финансиски цврста, работи профитабилно и безбедно и со тим од над 5.100 соработнички и соработници доследно ги спроведуваме развојните активности што сме ги зацртале. Како потврда на наведеното е годинашниот кредитен рејтинг А, со стабилна среднорочна прогноза од страна на бонитетната агенцијата S&P Global Ratings.
На својата седница, одржана на 14.11.2018 година, Надзорниот одбор на „Заваровалница Триглав“ го именуваше Андреј Слапар за претседател на управата во следниот петгодишен мандат. Андреј Слапар е носител на функцијата претседател на управата од мај 2013 година. Неговиот следен петгодишен мандат почнува на 12.11.2019 година. Воедно, Надзорниот одбор го прифати предлогот на претседателот на управата и повторно за членови на управата на „Заваровалница Триглав“ ги именува Урош Иванц и Тадеј Чороли. На функцијата членови на управата обајцата стапија во јули 2014 година, со тоа што следниот мандат на Урош Иванц му почнува на 15.7.2019, а мандатот на Тадеј Чароли стапува во сила на 30.7.2019 година. Претседателот на Надзорниот одбор на „Заваровалница Триглав“, Игор Стебернак, изјави: „Надзорниот одбор позитивно ја оценува работата на управата на друштвото. Соработката и меѓусебната доверба помеѓу управата и Надзорниот одбор се добри. Во име на Надзорниот одбор, на управата сакам да ѝ посакам многу успех во остварувањето на стратешките цели на Групацијата Триглав“.
„Триглав осигурување – Скопје“ со поголем раст на премија
„Триглав осигурување – Скопје“ третиот квартал од оваа година го заврши со 11 отсто поголема фактурирана бруто-премија (18,5 милиони евра) во споредба со истиот период минатата година. Растот на премијата се должи на одличните резултати постигнати во доменот на приватното доброволно здравствено осигурување, каде што „Триглав“ обезбеди раст на премија од 47 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Главниот извршен директор на „Триглав“, г. Ѓорѓе Војновиќ, е задоволен од резултатите постигнати во првите три квартали од годината. „Добрите перформанси на ‘Триглав’ се должат на експертизата и балансираното управување со компанијата и со сите нејзини процеси, како и на фокусот на клиентите, кој наложува приспособување на понудата на потребите на пазарот и супериорен квалитет на услугите што компанијата ги обезбедува. Имајќи го тоа предвид, на крајот на август воведовме на пазарот нов пакет производи, „Триглав комплет +“, во кој врвната здравствена заштита што ‘Триглав осигурување’ ја нуди е дополнета со осигурување дом и каско-осигурување возила, а притоа обезбедува заштеда и до 40 отсто“, додаде во оваа пригода г. Војновиќ.
„Триглав осигурување – Живот“ е членка на Групацијата Триглав, која почна да работи на македонскиот пазар на крајот на минатата година нудејќи осигурување живот со компонента на штедење. Првата година на пазарот „Триглав – Живо“ активно работи на едукација на јавноста за спецификите и бенефитите од осигурувањето живот што ги нуди и воведување нови производи во својата продуктна палета како би можеле на клиентите да им понудат подобар квалитет на живот и безгрижна иднина.
Водечката позиција на македонскиот пазар на неживотни и животни осигурувања „Триглав“ ја потврди на крајот на вториот квартал остварувајќи пазарен удел од 15,7 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.
Економија
(Видео) Битиќи: Минималната плата од 600 евра не е привилегија, туку право на работниците
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.
Економија
Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми
Аеродромот во главниот град на Македонија ја добива наградата ASQ по 11-ти пат. Ова признание се базира целосно на повратните информации од патниците преку анкетата ASQ што ја пополнуваат додека чекаат да се качат во авион.
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми(ACI).
Наградата која скопскиот аеродром ја добива по 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.
Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. А наградата, која се темели на оценките од патниците, покажува дека скопскиот аеродром ги исполнува нивните очекувања.
„ Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата Најпријатно аеродромско искуство во Европа од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија.
Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.
Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство.
Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:
„Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници“.
Меѓународниот Aеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2 до 5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот Aеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија како и уште два аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.
Досега, за 2012, 2015, 2013 и 2018 Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата – Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 аеродромот ја доби ASQ наградата, но во големина од 2 до 5 милиони патници годишно, врз основа на порастот на бројот на патници кој автоматски овозможи да се натпреварува со таа група на аеродроми во регионот на Европа.

