Економија
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и амбасадорката Улман потпишаа меморандум за соработка за јакнење на макроекономското проектирање
Зајакнувањето на капацитетите и унапредувањето на алатките за макроекономска анализа и проектирање во Народната банка ќе се остварува преку соработка и размена на искуства со експертски тим на Државниот секретаријат за економски прашања (СЕЦО).
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и амбасадорката на Швајцарија во земјата, Вероник Улман, од името на СЕЦО, денеска потпишаа меморандум за соработка, со кој се предвидуваат повеќе активности во областа на проектирањето и координацијата на макроекономската политика преку спроведување на проектот за макроекономско проектирање и управување.
Амбасадорката Улман искажа поддршка за продлабочувањето на соработката со централната банка и истакна дека Народната банка е и ќе биде пример за кредибилна и независна институција во земјава.
Гувернерката на Народната банка истакна дека јакнењето на аналитичките капацитети на централната банка е од клучно значење бидејќи кредибилните макроекономски анализи и проекции се основа за носење соодветни економски политики.
Ангеловска-Бежоска ја посочи важноста на овој проект, особено во контекст на тековната криза и во услови на висока неизвесност кога квалитетните макроекономски проекции играат значајна улога во следните активности на економските фактори. Ова е исклучително важно кај монетарната политика, каде што формирањето на очекувањата е суштинско за идните движења.
Таа истакна дека централната банка ќе продолжи со постојано надградување и јакнење на аналитичките способности.
Потпишувањето на меморандумот се одржа во Министерството за финансии, во присуство на министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој исто така потпиша меморандум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

