Економија
Г7: До 2050 година да се постигне нулта емисија на штетни гасови во патниот сообраќај
На денешниот самит на Г7 во Хирошима, лидерите на седумте најразвиени земји ја потврдија својата посветеност за висока декарбонизација на патниот сектор до 2030 година со цел да се постигнат нулта емисија на штетни гасови во патниот сообраќај до 2050 година.
Во соопштението на Г7 се нагласува дека до 2035 година и понатаму, неопходно е да се преземат различни активности, вклучително и усвојување и имплементација на политика насочена кон зголемување на продажбата до 100 отсто, или нешто помалку, возила со нулта емисија на штетни гасови.
Оваа политика вклучува активности за постигнување на целта 100 отсто од новите патнички автомобили до 2035 година да бидат електрични возила со развиена инфраструктура, како и воведување неутрални горива, вклучувајќи одржливи био и синтетички горива, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатена Еврообврзницата во износ од 500 милиони евра издадена во 2018 година
Министерството за финансии денеска ја исплати Еврообвзницата издадена во 2018 година во износ од 500 милиони евра.
„Денеска во целост ја исплативме Еврообврзницата издадена во 2018 година на износ од 500 милиони евра, а која доспеваше за исплата на 18 јануари 2025 година. Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за исплата на оваа Еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и додаде дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.
Средствата за сервисирање на оваа обврска која доспеавше на 18 јануари 2025 година беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка по поволни услови со камата од 3,25%, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од 3 години.
Земјата досега има издадено 9 еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеаваат за отплата уште 3 еврообврзници издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.
Економија
Од полноќ повисоки цени на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,16 отсто во однос на одлуката од 17 јануари.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,747%, кај дизелот за 1,791%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,516% и кај мазутот зголемувањето е за 0,921%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,0771%.
Од 21.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 81,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 83,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 76,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 75,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 46,673 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,337 ден/кг и сега ќе изнесува 46,673 ден/кг.
Регулаторна напоменува дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.1.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
УЈП со потсетување до даночните обврзници: рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите е до 27 јануари
Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници, кои имаат обврска да поднесат ДДВ-04 пријави, дека рокот за поднесување е до 27 јануари 2025 година.
До денес, од вкупно 41.531 очекувани ДДВ-04 пријави, поднесени се 6.253 пријави, што претставува само 15,1 % од вкупниот број. Остануваат уште 35.278 ДДВ-04 пријави, кои треба да се поднесат во преостанатите денови, соопштија од УЈП.
Апелираат граѓани да бидат одговорни даночни обврзници и да ги достават сите потребни документи до сметководителите со цел навремено и точно да се обработат нивните ДДВ-04 пријави за овој даночен период.